Zeynep Akyıl
17 Август 2016•Ажурирај: 18 Август 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за транспорт, поморство и комуникации, Ахмет Арслан, изјави денес во Анкара дека нема застој во реализацијата на мегапроектите во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Арслан беше гостин на денешниот уреднички деск на АА во Анкара, каде што одговараше на прашања од новинарите и уредниците на АА од целиот свет.
Министерот притоа рече дека нема доцнење во спроведувањето на мегапроектите во Турција.
„Реализацијата на сите големи проекти е во согласност со динамичкиот план, дури и се обидуваме да ги реализираме пред истекот на рокот. Тоа ќе ѝ овозможи на Турција остварување на поставените цели за 2023 година”, рече министерот Арслан.
Тој се осврна и на мостот Јавуз Султан Селим, третиот мост на Босфорот, кој ќе се отвори кон крајот на овој месец.
Министерот истакна дека станува збор за меѓународен проект, поради што тендерот е врз основа на доларот, но истакна дека неговото користење ќе се наплаќа во валутата на турската лира, пресметана во однос на доларот.
„Цената на автомобили ќе чини 9,9 лири, додека цената за камиони 21,3 лири”, рече Арслан.
Говорејќи во врска со проектот за изградба на трет аеродром во Истанбул, Арслан рече дека ништо, дури ни обидот за државен удар на 15 јули, нема да влијае на овој проект.
„Во врска со изградбата на трет аеродром во Истанбул, нема никакви проблеми со финансирањето, ниту пак ќе има таков проблем. Нека го знаат тоа нашите граѓани. Проектот за изградба на третиот мост оди според планот. Првиот дел од овој проект ќе работиме во првиот квартал на 2018 година”, рече министерот Арслан.