Zehra Ulucak
05 Јуни 2018•Ажурирај: 05 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Додека продолжува притисокот и тиранијата врз араканските муслимани, на виделина излегоа показатели дека Мјанмарската војска за цел ги зема араканските интелектуалци, пренесува Anadolu Agency (AA).
Араканските муслимани, кои, бегајќи од тиранијата и насилството во Мјанмар, се обидоа да најдат спас во Бангладеш, за „Асошиетед прес“ (АP) изјавија дека Мјанмарската војска спровела десетици операции во кои цел биле учителите, наставниците и верските лидери, истакнувајќи дека тие биле приведувани и измачувани, жртви на систематско малтретирање.
Мухамед Хашим, кој и самиот е учител, изјави дека пред неговите очи, мјанмарските војници го убиле неговиот постар брат, кој, исто така, бил учител.
Хашим изјави дека војниците за цел ги имале образованите лица, за да ги елиминираат оние кои можат да прераснат во лидери на заедницата, кои би го издигнале гласот наспроти насилството и притисоците во земјата.
Рахим, 26-годишниот професор по наука и математика во воена гимназија, раскажа дека на 25 август Мјанмарската војска извршила напад, а при влегувањето во селото Маунг Ну војниците прашале: „Каде се учителите и наставниците?“
Тој изјави дека кога забележал како во селото влегуваат војници, избегал. „Доколку ме фатеа, знам дека ќе умрев. Ме бараа мене. Сакаа да нè елиминираат, бидејќи сметаа дека доколку нас нè елиминираат, со останатите аракански муслимани ќе можеа да прават што сакаат“, изјави Рахим.
- „Слушнете ги овие приказни, колку познато звучат“ -
Истражителите, случувањата во Мјанмар ги споредуваат со останатите геноциди, вклучувајќи го и холокаустот.
Карен Џангблат, една од раководителите на Институтот за визуелна историја и образование на Фондацијата „USC Shoah“, во еден од камповите во Бангладеш даде репортажа во која изјави: „Слушнете ги овие приказни, колку познато звучат. Прво ги иселувате верските и политичките лидери, а потоа за цел го земате локалното население и почнувате да правите сè поголем притисок.“
Високиот комесаријат на Обединетите нации за човекови права се сретна со околу 65 бегалци, по што објави Извештај во кој се истакнува дека Мјанмарската војска како цел ги земала учителите, наставниците, верските лидери и сите личности кои имаат влијание врз араканските заедница, со цел уништување на историјата, културата и информациите за араканските муслимани.