Dildar Baykan
05 Септември 2017•Ажурирај: 05 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека повеќе од 123.000 аракански муслимани влегле во Бангладеш бегајќи од нападите на мјанмарската војска и будистичките националисти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави „BBC“ (Би-би-си), претставниците на ОН соопштија дека во последните 24 часа, уште 35.000 аракански муслимани пристигнале во Бангладеш.
Во соопштението се наведува дека од 25 август, кога започнаа нападите на мјанмарската војска и будистичките националисти, во Бангладеш пристигнале повеќе од 123.000 аракански муслимани.
Во нападите од страна на војската на Мјанмар кои се во тек, под изговор дека станува збор за борба против вооружени милитанти, од 25 август досега, животот го загубија голем број аракански муслимани. Извршени се напади на повеќе од 60 села, од кои десетици се запалени, а десетици илјади муслимани од Аракан се принудени да го напуштат подрачјето.
Цивилите по копно и по море се обидуваат да стигнааат од Мјанмар во Бангладеш, а десетици илјади лица сѐ уште чекаат во граничното подрачје.
Не може со точност да се одреди бројот на убиените, бидејќи Владата на Мјанмар не им дозволува на претставниците од меѓународните организации да влезат во земјата. Невладините организации од Аракан соопштија дека бројот на убиените цивили е поголем од 1.000, а пак други тврдат дека станува збор за илјадници убиени.
Раководството на Мјанмар не дозволува ниту да се испорача хуманитарна помош за араканските муслимани кои мигрираат или останале без своите домови.