Ekipa
31 Јули 2017•Ажурирај: 31 Јули 2017
ДОХА (АА) - Министерот за надворешни работи на Катар, Мухамед бин Абдурахман ал-Тани изјави дека Катар не побарал прашањето околу аџилакот да се изнесе на меѓународно ниво, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Ал Тани за телевизискиот канал „Ал Џезира“ (Al Jazeerа), со седиште во Катар, зборуваше околу обвинувањата од страна на министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, Адил ел-Џубејр, кој имаше изјавено дека „Катар го политизира прашањето околу аџилакот и сака администрацијата на аџилакот да ја доведе на меѓународно ниво”.
Ал Тани изјави: „Катар нема дадено никаква изјава дека сака администрацијата на аџилакот да ја доведе на меѓународно ниво, ниту пак направи каков било потег со кој прашањето за аџилакот би се гледало како меѓународно прашање”.
„Катар не го политизира прашањето околу аџилакот, за жал, ова прашање е исполитизирано од страна на Саудиска Арабија”, рече Ал Тани, додавајќи дека со тоа С. Арабија сака да создаде нови контрадикции пред состанокот во Манама, главниот град на Бахреин.
По состанокот во Манама, беше одржана прес-конференција, на која од страна на министерот за надворешни работи на Бахреин, Халид бин Ахмед Ал Халифе беше прочитано заедничко соопштение во кое се вели: „Поради поддршка на тероризмот и негово финансирање, поради реторики на омраза и провокации, а со цел да престанат интервенции во внатрешните работи на другите земји, за мир и стабилност во светот, ние, четирите земји, од Катар бараме да ги исполни зададените 13 точки, по што ќе можеме на еден пријателски и конструктивен начин да го започнеме дијалогот”.