Ekipa
31 Јули 2017•Ажурирај: 01 Август 2017
ДОХА (АА) - Министерот за надворешни работи на Катар, шеикот Мухамед бин Абдурахман ал-Тани, во изјава за „Ал Џезира“ (Al Jazeerа) порача дека неговата земја од почетокот на кризата во Заливот имала јасен став кој се однесува на дипломатското решение, со целосно почитување на суверенитетот на неговата земја, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ставот на Катар е јасен уште од првиот ден, а тоа е дипломатско решение преку исполнување на обврските на сите страни, и со целосно почитување на суверенитетот на Катар", рече шефот на катарската дипломатија.
Потсетувајќи дека претставниците на земјите кои во изолација го држат Катар изјавувале дека се подготвени за дијалог под одредени услови, Ал Тани рече дека „воопшто нема потреба од дијалог, доколку однапред се поставени услови, бидејќи такво нешто и не може да даде резултати“.
„Земјите кои го држат Катар во изолација, по два месеци почнаа да разбираат какво влијание има тоа врз граѓаните. На луѓето им е оневозможен пристапот до она што го поседуваат во Заливот. Стопанствениците барајќи алтернативни начини за пласман на производите претрпеа големи загуби. Ако државата не им помогнеше на стопанствениците, граѓаните, штетата би била многу поголема“, појасни тој.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет ги прекинаа дипломатските односи со Катар на 5 јуни годинава. На официјална Доха ѝ беше доставена листа од 13 барања, а Катар секое од барањата го одби, бидејќи се во спротивност со меѓународното право.