Merve Aydoğan
18 Декември 2017•Ажурирај: 18 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Премиерот на Република Tурција, Бинали Јилдирим, ги поздрави напорите на Владата на Бангладеш во процесот на згрижување на араканските бегалци (Рохинџа) од соседен Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим денес замина во официјална посета на Бангладеш, а непосредно пред заминувањето имаше обраќање пред новинарите на аеродромот „Есенбога“ во Анкара. Тој истакна дека целта на неговата посета е унапредувањето на билатералната соработка и решавањето на регионалните кризи, меѓу кои приоритетно е запирањето на насилствата над араканските муслимани.
„Стотици илјади Рохинџи од Мјанмар се принудени да бараат засолниште во Бангладеш, откако беа соочени со насилството и масакрите во Аракан. Уште еднаш ја поздравувам Владата на Бангладеш, која тие луѓе не ги препушти сами на себе“, рече Јилдирим.
Нагласувајќи дека Турција ја поддржува и се солидаризира со загрозената популација на Рохинџа муслиманите, Јилдирим рече дека посетата на Дака ќе биде добра можност на лидерите на Бангладеш уште еднаш да ја искажат подготвеноста на Турција да помогне на секој потребен начин во решавањето на кризата.
Турскиот премиер, исто така рече дека зајакнувањето на билатералната соработка, особено на економски план, ќе биде на дневен ред во текот на средбата со лидерите на Бангладеш.
Јилдирим во Дака ќе го прими премиерката на Бангладеш, Шеик Хасина, а исто така ќе се сретне и со претседателот на Бангладеш, Абдул Хамид.
По завршувањето на официјалната посета на Дака, турскиот премиер ќе го посети и Кокс Базар, град во југоисточниот дел на Бангладеш, каде што се наоѓаат камповите на мјанмарските бегалци.
Тој ќе разговара и лично ќе се увери во потребите на прогонетите аракански муслимани во камповите, и ќе ги согледа активностите кој се спроведуваат во тој регион од страна на надлежните турски хуманитарни организации и агенции.
Араканските Рохинџа муслимани со години се најранливото етничко малцинство во светот, а од 25 август се соочуваат со нов бран насилства во подрачјето на Аракан, Мјанмар. Досега од Мјанмар во Бангладеш се пребегани најмалку 650.000 луѓе.
Токму Република Турција ги предводи хуманитарните активности со цел да се задоволат потребите на загрозеното муслиманско население во регионот, а на егзодусот со кои се соочуваат араканските муслимани укажа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и на последното заседавање на Генералното собрание на Обединетите нации.