Satuk Buğra Kutlugün
18 Декември 2017•Ажурирај: 18 Декември 2017
АНКАРА (АА) - По повод Меѓународниот ден на мигранти, шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, ја повика меѓународната заедница да ги почитува правата на сите мигранти и бегалци, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Нашиот свет е во движење низ цела историја, а и денес е случај милиони луѓе да се обидуваат да најдат засолниште и дом далеку од местата каде што се родени“, порача Чавушоглу преку „Twitter“ (Твитер).
Истакнувајќи дека меѓународната заедница има обврска да се грижи за сите мигранти и бегалци, Чавушоглу ги повика светските лидери да обезбедат средства и активности со цел никој од таа популација да не остане заборавен и напуштен.
На овој ден, 1990 година е усвоена Конвенцијата за заштита на правата на мигрантските работници и нивните семејства, а десет години подоцна Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 18 декември за Меѓународен ден на мигрантите.
Во изминатите неколку години, овој датум доби на значење поради миграциската криза со којашто се соочува светот поради војните и сиромаштијата.
Со одлука на ОН, овогодинешниот Меѓународен ден на мигрантите се одбележува под мотото „Безбедни миграции во светот во движење“.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, порача дека миграциите се постојана појава и како постоечки фактори на војните, климатските промени, нееднаквоста во општеството и желбата за подобри услови за живот покажуваат дека миграциите ќе постојат и понатаму.
„Одговорот на тој предизвик е ефективната меѓународна соработка во раководењето на миграциите со цел да се обезбеди заштита на човековите права за сите“, порача Гутереш.