Ayşe Aktaş
05 Декември 2016•Ажурирај: 05 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Во државата Аракан, од октомври месец досега, војската на Мјанмар спроведува операции во кои сериозно се прекршуваат човечките права – утврди Мрежата за човекови права во Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
Мрежата за човекови права во Мјанмар подготви извештај кој се темели на изјавите добиени од сведоци на настаните. Во него се вели дека војската на Мјанмар, во државата Аракан спроведува операции во кои ги урива куќите на араканските муслимани (Рохинга), спроведува сексуално насилство, измачувања и убиства на цивили, со што на сериозен начин се прекршуваат човечките права.
Претставниците на Мрежата за човекови права во Мјанмар (БХРН) се сретнале со повеќе од дваесетина Рохинга муслимани кои пребегале во Бангладеш од градот Мунгдав, кој се наоѓа во северниот дел од Аракан. БХРН во својот извештај наведува дел од изјавите на сведоци на настаните, кои рекле дека војската во почетокот вршела напади само врз полицијата, но подоцна, не правејќи разлика, почнала да ги напаѓа и цивилите.
Во извештајот се истакнува дека последните напади во Мунгдав биле причина за раселување на 30.000 лица, додека околу 70.000 лица имаат потреба од итна помош во храна и хуманитарни производи.
„Само во периодот од 12 до 13 ноември, околу 15.000 лица биле принудени да ги напуштат своите домови“, се вели во извештајот на БХРН. Според изјавите на сведоците за прекршувањето на човечките права, водејќи се според 7 член од статутот на Меѓународниот кривичен суд во Рим, БХРН во извештајот наведува дека во Мјанмар се извршува злосторство против човештвото.
„Владата на Мјанмар треба да дозволи во кризното подрачје да влезе независна меѓународна институција, која ќе изврши истражување на теренот и во тие подрачја да можат да влезат и меѓународните и локалните медиуми“, се вели во извештајот на БХРН. Истовремено се упатува апел до Владата на Мјанмар да дозволи меѓународните хуманитарни институции да испорачаат хуманитарна помош до загрозените во подрачјето.
Во извештајот на БХРН се вели: „Потребно е меѓународната јавност да преземе ефикасни методи за да се заштитат цивилите припадници на Рохинга што живеат во северниот дел од државата“.
На 9 октомври, во државата Аракан беа извршени напади врз граничните полициски станици, во кои животот го загубија вкупно 29 лица, од кои 13 претставници на безбедносните сили. По нападите, во подрачјето беа испратени голем борј војници и полицајци, по што била започната операцијата.
Групите за солидарност со Рохинга информираат дека од започнувањето на операциите досега, во државата се убиени околу 400 аракански муслимани, додека Владата на Мјанмар вели дека се убиени 86 лица.
Градовите Мунгдав и Јатхау Тунг се наоѓаат во близина на граничните полициски станици, во кои претежно живеат претставници на араканските муслимани, за кои во извештаите на Обединетите нации се вели дека се една најмногу прогонуваните заедници.
Во 2012 година, во државата Аракан избувнаа насилни судири меѓу будистите и муслиманите, во кои животот го загубија голем број луѓе, претежно муслимани, стотици куќи и работни места беа запалени, а илјадници претставници на заедницата Рохинга беа принудени да го напуштат подрачјето.