Ivana Ramadanova
27 Декември 2017•Ажурирај: 28 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за култура денеска во Музејот на современа уметност одржа јавна презентација на нацрт-стратегијата за културен развој на Република Македонија за 2018 – 2022 година и на нацрт-акцискиот план за 2018 година, јавува Anadolu Agency (AA).
На презентацијата пред присутните се обрати министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, кој истакна дека овие два стратешки документа се солидна основа во спрoведувањето на новите културни политики во наредните пет години, додавајќи дека за период од три месеци беа реализирани 15 средби и дебати со стотици претставници и работници во областа на културата од цела Македонија.
„Состојбата во културата во секој поглед е очајна. Ќе ни требаат натчовечки напори за да тргнеме по патот на закрепнување и напредок. Детектиран е фантастичен потенцијал меѓу нас, база на знаење, вештини, идеи и инфраструктура кои со добра организација и поддршка ќе можат да дадат резултат, колку тоа и да се чини тешко“, рече Алаѓозовски.
Министерот истакна дека и покрај уништените општествени вредности, институции, образование, поделбите по многу основи, скромните економски можности и долговите, постои свесност за тешкиот пат кој претстои, додавајќи дека заложбите се јасни: култура до сите - култура за сите, во секој дел од Македонија, за сите граѓани подеднакво.
На денешната презентација, посебниот советник за култура, Златко Теодосиевски, ги претстави клучните поенти од нацрт – стратегијата за развој на културата 2018-2022 и нацрт-акцискиот план за 2018-та година, потенцирајќи дека при подготвувањето на овој докумет е дојдено до заклучок дека на Македонија ѝ е потребна стратегија на дисконтинуитет.
„Инаку, тој не се разликува многу од претходниот предлог, во извесна смисла е технички и терминолошки доработен, но во суштина повеќе од девеесет проценти станува збор за текст кој е добро познат“, рече Теодосиевски.
По завршувањето на презентација на нацрт-стратегијата за културен развој и нацрт–акцискиот план, следуваше дискусија меѓу присутните.