Emre Gürkan Abay
25 Јануари 2018•Ажурирај: 25 Јануари 2018
МОСКВА (АА) - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, тврди дека Соединетите Американски Држави (САД) прифаќаат стратегија за поделба на Сирија, и рече: „Плановите за военото присуство на САД во Сирија во еден неограничен временски период се контрадикторни со меѓународното право“, јавува Anadolu Agency (AA).
Захарова на прес-конференција што се одржа во рускиот главен град, Москва, ги критикуваше напорите на САД за формирање гранични сили во северниот дел на Сирија.
Захарова нагласи дека е неприфатливо Сирија да се претвори во сцена, каде што различни сили ќе се судрат едни со други.
„САД прифаќаат една стратегија за поделба на Сирија. Плановите за военото присуство на САД во Сирија, којашто е суверена земја, во еден неограничен временски период, се контрадикторни со меѓународното право“, изјави таа.
Напорите за формирање гранични сили во северниот дел на Сирија, Захарова ги опиша како чекори кон поделба на оваа земја.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи истакна дека Турција и Русија имаат исто мислење за повеќе прашања.
„Нашата мисија е да се сретнеме на една заедничка основа со нашите партнери. Ова е тешко да се направи во билатералните односи, дури и потешко во рамките на решавањето на сириската криза. Но, ние се движиме по овој пат“, нагласи Захарова.
Захарова се осврна и на подготовките за Конгресот за национален дијалог во Сирија кој ќе се одржи во рускиот град Сочи.
„Русија, Турција и Иран активно се подготвуваат за конгресот што ќе се одржи на 29 и 30 јануари. На 1.600 лица им се испратени покани за конгресот, вклучувајќи ги и набљудувачите од Обединетите нации (ОН)“, додаде портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.