Selçuk Acar
04 Март 2017•Ажурирај: 05 Март 2017
ЊУЈОРК (АА) - Холивудскиот актер и поранешен гувернер на Калифорнија, Арнолд Шварценегер, најави дека повеќе нема да го води реалити шоуто „Приправник”, чиј извршен продуцент е претседателот на САД, Доналд Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
Шварценегер во реалити шоуто „Приправник” (Celebrity Aprentice) како водител го наследи Доналд Трамп, кој и понатаму остана извршен продуцент.
Во интервју за британското списание Емпајр, Шварценегер потврди дека нема да биде во идната сезона на „Приправник”, а како причина за напуштање на шоуто наведе дека тоа го прави поради поврзаноста на оваа програма со Доналд Трамп.
Американскиот претседател Трамп неодамна изјави дека програмата која се емитува на Ен-Би-Си имала подобар рејтинг во периодот кога тој ја водел.
„Се молиме за Арнолд и подобар рејтинг”, изјави тогаш Трамп.
Кратко по тоа на социјалната мрежа Твитер се огласи и популарниот актер при што порача:
„Еј Доналд. Имам добра идеја. Зошто да не ги замениме позициите. Ти дојди во телевизија, бидејќи си експерт за рејтинг, а јас ќе ја преземам твојата работа. И така луѓето повторно мирно ќе спијат”.
Арнолд -Шварценегер е австриско-американски актер, политичар, бизнисмен, инвеститор и поранешен професионален бодибилдер.