Senada Ibraimova
06 Март 2017•Ажурирај: 07 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес се одржа манифестацијата Ден на читателот, посветена на читателите во Република Македонија (РМ), во организација на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје. На настанот беше доделена престижната награда „Најчитан автор“ за 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Иван Заров, на отворањето на манифестацијата Ден на читателот рече дека овој настан се одржува вторпат, по оној од минатата година.
Тој меѓу другото истакна дека на овој настан, во фокусот е ставен читателот, бидејќи како што вели, содржините и пораките што авторите ги имаат кодирано во своите книги се насочени кон читателите, и додаде оти без нивното воспримање, книгата е само обичен предмет.
Годинава, добитник на наградата „Најчитан автор“ за 2016 година е авторката Вера Калин за нејзината прва книга „Бездомникот со златен часовник“.

Таа во своето обраќање се заблагодари на НУБ „Св. Климент Охридски“ за наградата, при што нагласи дека тоа не ѝ е прва награда досега и додаде: „Мислам дека ќе биде една од најзначајните во мојот живот поради тоа што доаѓа од оние за коишто вистински јас ја посветувам мојата литература, а тоа се читателите. Секогаш велам дека книгите додека ние ги пишуваме се наши, а потоа ги оставаме на читателите и тие ликови и тие приказни единствено оживуваат во прегратките на сите тие читатели. Ова е доказ дека моите ликови преживеале многупати“.
Таа на книжевната сцена влезе пред четири години, со своите два расказа во 2013 и во 2014 година, добитници на едни од најзначајните конкурси во Македонија.
Во рамките на овој настан беше промовиран и првиот број на годишното списание „Издаваштво“, во кое се претставени различни публикации, едиции, издавачки проекти и манифестации поврзани со издаваштвото во Македонија. Исто така беа доделени и награди за необјавувани песни.
Како што посочи директорот на НУБ, најчитаниот автор се одредува во соработка со јавните библиотеки во Македонија, кои им испраќаат списоци со пет автори чии книги биле најчесто позајмувани во тие библиотеки.