Besar Ademi
29 Јуни 2017•Ажурирај: 29 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Црвениот крст на Македонија и Занаетчиската комора на Град Скопје, во Музејот на Град Скопје им ги доделија сертификатите на 35 лица, за завршена обука за занаетчии во рамките на проектот „Преземи акција за подобра конкурентност на пазарот на трудот“, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на проектот е да се даде придонес во зголемувањето на учеството на лицата што се изолирани на пазарот на трудот од социјален аспект, како и да се влијае врз намалување на невработеноста во Македонија.
Секретарката на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска, нагласи дека преку идентификација и селекција, од вкупно 210 контактирани и посетувани, биле избрани 40 лица кои ги исполнуваат критериумите за да бидат вклучени во овој проект врз основа на нивните капацитети и можности. Таа додаде дека 35 од нив успеале да ги положат завршните испити за занаетите за коишто се обучувани и се стекнале со сертификат.
„Овој проект навистина има одлични резултати, меѓутоа, ако немаме добра излезна стратегија, тоа ќе значи дека овие луѓе повторно ќе бидат оставени сами на себе“, истакна Тунева-Пауновска, нагласувајќи дека на овие лица треба да им се помогне и во иднина, за да ја претстават својата работа пред јавноста.
Извршната директорка на Занаетчиската комора на Град Скопје, Снежана Денковска, рече дека избраните занаети од страна на корисниците кои се вклучени се шминкање и декорација на нокти, регулирање и декорација на простор, рачно везење и плетење, бравар, клучар, готвач, пекар, слаткар, козметичар, фризер, шнајдер и филигранист.
„Ова се луѓе коишто во најголем дел се излезени од пазарот на трудот, немаат доволно работни навики. Ова им беше една помош за да можат да стекнат работни навики, вештини и компетенции, и полесно да најдат вработување на пазарот на трудот“, истакна Денковска.
Проектот „Преземи акција за подобра конкурентност на пазарот на трудот“ се спроведува од декември 2015 година, од страна на Црвениот крст на Град Скопје и Занаетчиската комора, а се очекува да заврши во август оваа година. Проектот е финансиран од страна на Европската Унија (ЕУ), во рамките на проектот „Оперативна програма за развој на човечки ресурси“.