Hilal Uştuk
30 Јуни 2017•Ажурирај: 01 Јули 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Од 21 до 25 јули во Бишкек, главниот град на Киргистан, ќе биде организирана „Недела на турскиот филм“, јавува Anadolu Agency (AA).
Организаторот на оваа манифестација, режисерот Онер Килич, за АА изјави дека во рамките на манифестацијата ќе бидат прикажани 5 турски филма од познати турски режисери.
Килич соопшти дека во рамките на манифестацијата, во просториите на Кинотеката на Киргистан ќе биде организирана и работилница во којашто ќе учествуваат сценаристи, режисери и актери од Турција и од Киргистан.
Тој додаде дека благодарение на активностите, постои можност двете земји да организираат заедничка продукција на филмови.
Килич истакна дека е потребно да се формира филмска унија налик на европската.
„Посакуваме да се формира 'Унија на кинематографии на Турција, балканските земји, Средниот Исток'. Со овие активности ја подготвивме нејзината основа. Се надевам дека формираната Унија на кинематографии ќе ги негува културните наследства“, додава тој.
- „Македонија има мошне важно место во историјата на турската кинематографија“
Режисерот Килич ја организираше и Неделата на турскиот филм во Македонија, Азербејџан и во Казахстан, и истакна дека љубителите на филмот во Македонија, покрај земјите од Средниот Исток, имале можност да го гледаат изборот на филмови на турската кинематографија за време на Неделата на турскиот филм во Скопје.
Режисерот Онер Килич истакна дека земјите од турското говорно подрачје и од Балканот имаат слична култура. „Ние, филмските уметници, во рамките на 'Неделата на турскиот филм' посакуваме да направиме филмови на Балканот, Средниот Исток, Африка и во земјите од турското говорно подрачје, зборувајќи за нашата заедничка култура, верувања, судбина и радост. Наша основна цел е тоа. На организираните фестивали не сакаме само да се гледаат филмови, туку и да се најдат нови приказни. Сакаме нашите сценаристи и режисери да пронајдат уникатни приказни и со локалните артисти да оствариме нови проекти“, истакнува Килич.
Режисерот Килич смета дека во земјите од Балканот има голем број приказни кои можат да се пренесат на филмското платно. „Постои една болка на Балканот што не можеме да ја разбереме. Тоа може да го почувствувате на лицата на луѓето кои ги среќавате на улица“, вели Килич.
Тој посочи дека луѓето на Балканот се индивидуалци и не зборуваат премногу.
„Луѓето се многу индивидуалци. Оние кои во времето на Османлиите живееле пријателски, наводно под изговор на слободата, денес станале меѓусебни непријатели. Всушност, тоа е приказната што ја барав. И во моментов луѓето живеат заедно, но изгледаат како да ќе експлодираат во секој момент, а потребна е само искра. Тоа не е вина на луѓето. Изјавата на турскиот претседател 'Светот е поголем од пет', ги посочува тие пет земји кои создаваат тензии кај луѓето од овие простори, за да направат раздор меѓу нив. Јас барам приказна која овие тензии повторно ќе ги претвори во мир и љубов“.
- Македонско-турска кинематографија
Режисерот Килич рече дека турскиот народ и жителите на балканските земји делат слична култура и традиција. „Нашата радост и судбината се слични. Дел од луѓето кои живееле на овие простори денес се во Анадолија, а има и голем број Турци од Анадолија кои на времето живееле на овие простори. Во Македонија беше снимена серијата 'Збогум Румелија' и остана на тоа“, истакна Килич.
Режисерот Килич истакнува дека Неделата на турскиот филм во Скопје, поддржана од Институтот „Јунуз Емре“ и од Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и голем број други институции, предизвика голем интерес кај граѓаните на Македонија.
Тој посочува дека турскиот филм добил голема динамика во последните години. „Турските серии се прикажуваат во секој дел од светот. Нашата најголема цел е со активностите што ги спроведуваме, покрај прикажувањето, да оствариме продажба на турските филмови. Посакуваме да се отвори овој пазар и подготвување на заеднички филмови со учество на локалните артисти и нивните турски колеги, што ќе биде од заеднички интерес за сите народи од овие простори кои имаат слична култура.