Sümeyye Dilara Dinçer
30 Октомври 2021•Ажурирај: 01 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Тепих стар околу 600 години, што ѝ припаѓал на кинеската династија Минг, ќе биде изложен на аукција во Париз, Франција, по цена од 5,4 милиони долари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Саут Чајна Морнинг Пост“ (South China Morning Post) објави дека тепихот од периодот на династијата Минг (1284-1644 година), за кој се претпоставува дека потекнува од 16 век, ќе биде понуден на аукција што би требало да се одржи на 23 ноември во Париз. Организатор е аукциската куќа „Кристис“ (Christie's), а тепихот ќе биде понуден по цена помеѓу 4,8 и 5,4 милиони долари.
Стручњаците на аукциската куќа наведуваат дека тепихот со димензии 5 на 4 метри го покривал подот под тронот на царот и ја претставувал врската на царот со небото.
На тепихот е исткаен змеј, а под него облаци. Змејовите ја симболизираат силата на царот.
Луси Бродхурст, од аукциската куќа „Кристис“, наведе дека е голем успех што тепихот останал сочуван толку долго време и дека им е чест што имаат прилика ова дело да го понудат на аукција.
Тепихот е еден од 39-те сочувани од династијата Минг и еден од 16-те теписи со мотив на царски змеј.
Стручњаците веруваат дека за царевите од династијата Минг се исткаени стотици теписи, но со времето тие исчезнале или се уништени.
Еден од царските теписи од династијата Минг на аукција во Њујорк минатата година се продаде за 1,7 милиони долари.