Ferdi Bayat
31 Октомври 2021•Ажурирај: 01 Ноември 2021
КАИРО (АА) - ФЕРДИ БАЈАТ -
Египет е една од најпопуларните туристички дестинации во светот, а она што треба да се види во текот на посетата е и Музејот на карикатурата, во местото Тунис, во градот Ал-Фајум, пишува Агенција Анадолија (АА).
Музејот отворен во 2009 година е интересен како за домашните така и за странските посетители.
Карикатурите со кои се илустрирани воените и политичките превирања во Египет од 1919 година, образованието и други сектори, изложени се во неколку оддели.

Музејот до центарот на местото Тунис е оддалечен неколку минути пеш, а сместен е во близина на езерото Карун.
- Оригинални карикатури -
Музејот работи 12 години, а содржи податоци за периодот од последните 100 години. Изложени се 500 карикатури во кои се претставени војните низ кои поминал Египет, историските случувања, па дури и многу познати личности.
„Во Музејот на карикатурите изложени се околу 500 оригинални карикатури. Она што нè чини посебни е тоа што тие карикатурите се во целост оригинални и автентични“, рече Ибрахим Абла, директорот на Културниот центар „Фајум“.
Тој истакна дека меѓу карикатурите се наоѓаат и цртежи на кои се претставени многу познати личности, меѓу кои Хаван Сантис, Александар Сарухан, Ахмед Хиџази и Салах Џахин.
Додаде дека претежно станува збор за карикатури посветени на делата на старите египетски уметници, но дека во посебниот оддел се наоѓаат цртежи на карикатуристите од арапскиот свет, вклучително и од Палестина и Ирак.
- Натпревар во цртање карикатури -
Во Музејот на карикатури во Египет секоја година се одржува меѓународниот натпревар во цртање карикатури и портрети.
„Оваа година учествуваа 120 карикатуристи од повеќе од 40 земји, кои претставија повеќе од 250 дела“, рече Абла.

Најдобрите ги одбра стручно жири, а гласањето за одредени категории овозможено е и на социјалните мрежи.
Наградените карикатури се изложени на саемот.
„Оваа година, победници беа карикатурите од Полска и Чешката Република. Во категоријата портрет, победници беа Бразилецот Александар Кабрал и Сириецот Мурхаф Јусуф“, кажа Абла.
- „Во музејот како дома“ -
Помеѓу домашните посетители беше и Рагда Хиџази.

„Во музејот се чувствувам како дома. Секоја година гледам нешто ново, но она што не се менува е гостопримливоста и мирот што музејот го пружа“, кажа Хиџази.
Во музејот доаѓа осми пат и вели дека оваа година се изложени карикатури на домашни и странски карикатуристи.
Мохамед Абла, египетскиот вљубеник во карикатурите, во 2009 година го основа Музејот на карикатурата.
Пред 12 години ја донел одлуката за изложување на околу 500 оригинални карикатури што ги собирал 40 години.