Oktaj Omeragikj
29 Ноември 2024•Ажурирај: 01 Декември 2024
ГАЗА (АА) - Четириесетгодишната палестинска уметничка Мејса Јусуф, која практикува изработка на колажи, ги загуби и домот и работилницата во која работеше во текот на израелските напади врз блокираниот Појас Газа, известува Анадолу.
Уметничката Јусуф, која претходно имала можност да отвори изложби во повеќе земји, е дипломирана ликовна уметничка, отсек сликарство и веќе 14 години се занимава со ликовна уметност, специјализирајќи се во изработката на дела во техниката колаж.
Таа се издвојува како важно име меѓу палестинските уметнички. Нејзина цел е на светот да му ги претстави страдањата на палестинскиот народ, узурпацијата на неговите права и борбата за слобода. Трагите од конфликтите и блокадите во Газа се јасно видливи во делата на Јусуф.
Иако на работилницата на Мејса Јусуф се предизвикани големи оштетувања при неодамнешните израелски напади, во најтешкиот период од животот таа е решена да продолжи со својата работа.
„За мене уметноста не е само форма на изразување, таа е најсилен начин да се изрази борбата на палестинскиот народ. Ја изгубив мојата работилница, мојата куќа беше уништена, но продолжувам во мојата уметност да ги рефлектирам болката и отпорот на Палестина“, истакнува Јусуф.
Во нејзините дела до израз доаѓаат фигурите и симболите што ги опишуваат тешкотиите што ги доживуваат жителите на Газа. Во едно од нејзините дела вниманието на публиката го привлекуваат моќните визуелни елементи што ги користи за да ги симболизира обесправеноста на Палестинците од страна на Израел, угнетувањето и борбата за слобода.
Јусуф, која со својата уметност 14 години е и глас на палестинскиот народ, е на пат да стане и светски позната уметничка. Таа ја користи својата уметност како алатка за отпор, борејќи се со многу предизвици, внатре и надвор од Газа.
Оригиналноста и длабокото значење во делата на Мејса Јусуф ја прават нејзината уметност моќна не само на естетско поле туку и како алатка за борба за слобода. Јусуф, која продолжува да ја практикува својата уметност во опколениот Појас Газа, е решена да ја искористи моќта на уметноста за да ја презентира палестинската кауза пред светот.