Barış Seçkin
29 Февруари 2024•Ажурирај: 03 Март 2024
РИМ (АА) - Илјадници луѓе, меѓу кои и уметници, куратори и директори на музеи, потпишаа онлајн петиција за исклучување на Израел од учеството на овогодинешното Биенале во Венеција поради злосторствата против Палестинците, јавува Анадолу.
Според пишувањата на италијанските медиуми, група активисти и уметници започнале петиција на веб-страницата „anga“.
Претставниците на групата истакнуваат дека секое официјално претставување на Израел на меѓународната културна сцена би значело потврда на израелската политика и геноцид во Појасот Газа.
„Изјавуваме дека е неприфатлив уметнички павилјон на држава која продолжува да врши злосторства врз Палестинците во Газа“, рекоа претставниците на групата.
„Додека продолжуваат подготовките на Израел во поставувањето на сопствениот павилјон, бројот на смртни случаи на геноцидот во Газа и на Западниот Брег се зголемува од ден на ден. Израел уби повеќе од 12.000 деца и го уништи пристапот до медицинските установи. Палестинките се породуваат со царски рез без анестезија, а се породуваат и на улица. Секое официјално претставување на Израел на меѓународната културна сцена би значело потврда на израелската политика и на геноцидот во Појасот Газа“, соопшти групата.
Групата објави дека повеќе од 17.000 луѓе досега ја поддржале петицијата, вклучувајќи уметници од различни националности, куратори и имиња од уметничката заедница.
Италијанскиот министер за култура Џенаро Санџулијано го одби барањето на уметниците.
„Ова е неприфатливо. Ова е неприфатливо. Изложбата е простор на слободата“, рече Санџулијано.
Годинешното Венециско биенале под мотото „Странци насекаде“, на кое ќе учествуваат уметници од 90 земји, ќе се одржи од 20 април до 24 ноември.