Yasemin Kalyoncuoğlu
10 Декември 2020•Ажурирај: 11 Декември 2020
АНКАРА
Споменикот на мајката божица Кибела (Kybele), за која се верува дека е симбол и заштитничка на плодноста во праисториските периоди, по околу 50 години, на 12 декември ќе се врати во родниот крај, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за култура и туризам на Турција, Кибела од Турција на илегален начин била пренесена и продадена во Израел. Според експертите, овој споменик датира од 3 век. Кибела по патувањето долго десетици илјади километри, од САД ќе се врати во својата татковина.
Како резултат на интензивните работи на турското Министерство за култура и туризам, 1700-годишниот споменик на Кибела, на 12 декември ќе биде бесплатно донесен во Турција од страна на турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines).
Споменикот ќе биде промовиран на 13 декември од страна на турскиот министер за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, ќе биде изложен во Археолошкиот музеј во Истанбул, а потоа ќе биде пренесен во новиот музеј кој ќе се изгради во градот Афјонкарахисар.
Двата лава кои се наоѓаат покрај Кибела која од праисториските периоди е позната како мајка божица, симбол и заштитничка на плодноста на Медитеранот, особено во Анадолија, ја симболизираат доминацијата врз природата и животните.
Споменикот во 1970-тите години од Турција бил пренесен во Израел, а експертите сметаат дека датира од 3 век. Во светлина на информациите добиени од типолошките карактеристики на споменикот, типот на користениот мермер, изработката и од натписот, се открива дека е со потекло од Анадолија.
- Првин во Израел, а потоа во САД
Кибела која е дело од римскиот период, првин на илегален начин била пренесена од Турција во Израел каде што била купена од израелски граѓанин. Тој во 2016 година се упатил до израелските власти со цел споменикот да го пренесе во странство, декларирајќи дека споменикот е со потекло од Анадолија.
Израелските власти фотографиите од ова дело ги испратиле до Турција, по што турското Министерство за култура и туризам почнало да го следи овој процес, а пред споменикот да стигне во САД, Министерството соопшти дека тој е со потекло од Анадолија. Но, откако лицето кое го поседувало ова дело преку аукција сакало да го продаде споменикот, турското Министерство од властите на САД побарало да ја запре продажбата на овој споменик.
Лицето кое го поседувало споменикот поднело тужба против САД, нагласувајќи дека е добронамерен купувач на овој споменик за кој прогласил дека е негов.
Министерството за култура на Турција, Министерството за надворешни работи на Турција и Генералниот конзулат на Турција во Њујорк се упатија во суд за враќањето на Кибела.
Дирекцијата на музеи во Афјонкарахисар побара информации од луѓето кои живееле во периодот 1960 - 1970 година во зоната каде што се претпоставува дека бил пронајден споменикот.
Едно од лицата од кое се побарани информации, го опишало споменикот без да ја види фотографијата, и го одбрало споменикот на Кибела помеѓу други слични споменици, а тоа претставува доказ за да се поддржи фактот дека ова дело се наоѓало во Турција.
Како резултат на добиените информации и документи, откриено е дека едно лице кое живее во турската област Коња, во тој период шверцувало историски дела. Исто така, обезбедени се дополнителни докази во оваа насока.
Научните докази, изјавите на очевидците кои живееле во ова подрачје во периодот кога бил откриен споменикот и документите во Афјонкарахисар во врска со случаите на шверцување, потврдија дека споменикот на Кибела ѝ припаѓа на Турција.
Како резултат на брзото и прецизно следење на Турција, пред да започне судскиот процес во САД, сопственикот на споменикот покажа компромисен став и прифати споменикот на Кибела да го врати во Турција.