Evren Aydemir
19 Декември 2017•Ажурирај: 20 Декември 2017
БЕРЛИН (AA) – Со откривање на споменик во Берлин денеска е оддадена почест на страданите во терористичкиот напад кој минатата година се случи во божиќниот маркет во центарот на германскиот главен град, јавува Anadolu Agency (AA).
Одбележувањето на годишнината на терористичкиот напад е организирано на плоштадот Бритшилдпац на кој терористот Анис Амри на денешен ден со камион усмрти 12, а повреди најмалку 100 лица.
На собирот присуствуваа претседателот на Германија Франк Валтер Штеинмаер и канцеларката Ангела Меркел.
Штеинмаер во таа пригода изјави дека мора да признае дека помошта на семејствата на страданите била недоволно и дека стасала со задоцнување.
Истакнувајќи дека е свесен дека многумина ранети и семејствата на загинатите се разочарани во државните институции по минатогодишниот напад, Штеинмаер рече дека општеството не смее да потклекне пред заканата на терористите.
„Не смееме да ја заборавиме болката која минатата година ни е нанесена. Сакам да ви дадам гаранција дека нема да ве напуштиме", им порача Штеинмаер на семејствата на жртвите.
И германската канцеларка Меркел рече дека и вчера се состанала со семејствата на жртвите на минатогодишниот напад и дека во разговорот со нив сфатила колку пропусти направила државата.
Меркел вети дека Владата ќе извлече поуки од грешките и поцврсто ќе застане до жртвите. Најави и нова средба со таа група граѓани.
Споменикот на жртвите од минатогодишниот терористички напад го откри Михаел Милер, премиер на регионот на Берлин. Споменикот ја симболизира болката која нападот му ја нанел на германското општество.
Имињата на страданите се испишани на споменикот, а граѓаните запалија свеќи и на тој начин оддадоа почест на загинатите.