Emre Karaca
12 Март 2022•Ажурирај: 14 Март 2022
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Турција најостро го осуди нападот што ова утро движењето Хуси го изведе врз Спомен-обележјето на турските херои во Сана, главниот град на Јемен, известува Агенција Анадолија (АА).
„Најостро го осудуваме монструозниот напад на Спомен-обележјето на турските херои, што Хусите го изведоа на 12 март, при што е нанесена штета на Спомен-обележјето“, се наведува во соопштението на турското МНР и се додава:
„Неприфатливо е непочитувањето на турското наследство во Јемен, кое е знак на нашата заедничка историја и длабоко вкоренетите односи со Јемен. Очекуваме да биде санирана штетата нанесена на Спомен-обележјето на турските херои, а извршителите на ова дело да бидат казнети што е можно поскоро.“
Во соопштението се истакнува дека нема сомневање дека овој монструозен напад ќе биде осуден и од пријателскиот и братски народ на Јемен.
Припадниците на движењето Хуси во Јемен со градежна машинерија се обидоа да го урнат Спомен-обележјето на турските херои во Сана, главниот град на Јемен.
Како што наведуваат локалните медиуми, повикувајќи се на изјави на очевидци, Хусите поддржувани од Иран, се обиделе да го урнат Спомен-обележјето на турските херои што се наоѓа во историскиот кварт на јеменската престолнина.
На снимката споделена од страна на јеменските активисти може да се забележи како во придружба на вооружени лица, Хусите со градежна машинерија се обидуваат да го урнат Спомен-обележјето на турските херои.
На видеоснимките што го прикажуваат провокативниот напад може да се забележи дека е оштетено Спомен-обележјето.
Од друга страна, голем број јеменски активисти и писатели на социјалните мрежи реагираа на оваа постапка на Хусите, кои со години го контролираат главниот град Сана и некои други региони во Јемен. Во реакцијата се истакнува дека со оваа постапка Хусите се обидуваат да ги прекинат односите со пријателските и братски земји, и дека покажале непријателство кон самата историја и култура на Јемен.
Спомен-обележјето на турските херои во Јемен во 2011 година го отвори Абдула Ѓул, тогашен претседател на Република Турција, за време на својата службена посета на таа земја.
Спомен-обележјето на турските херои, што е изградено во регион во кој е застапено турско историско наследство и каде што се наоѓа поранешната османлиска касарна, ги чува спомените на турските херои кои ги дадоа животите во Јемен во период од 400 години.