култура и уметност

Со дефиле на различни маски отворен традиционалниот „Вевчански карневал“

Вевчанскиот карневал, кој се одржува по повод Новата година според стариот календар, е познат како провокативна манифестација во чии рамки се претставуваат разни маски и персонификации

Furkan Abdula  | 13.01.2022 - Обновена : 17.01.2022
Со дефиле на различни маски отворен традиционалниот „Вевчански карневал“ Фото: Furkan Abdula/AA

ВЕВЧАНИ (АА) - По повод Новата година според стариот, Јулијански календар, во Општина Вевчани официјално е отворена традиционалната манифестација „Вевчански карневал“, што се смета за еден од најголемите уникатни и културни куриозитети во Северна Македонија и пошироко, со традиција долга над 1.400 години, јавува Агенција Анадолија (АА).

Вевчанскиот карневал, кој се одржува по повод Новата година според стариот календар, е познат како провокативна манифестација во чии рамки се претставуваат разни маски и персонификации.

Градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски, во изјава за медиумите истакна дека карневалот секоја година се организира на традиционален начин низ вевчанските улици, на кој рече тој, учествуваат гости од земјата, регионот и Европа.

„Маските ќе бидат најразлични. Има многу хумор, многу сатира нормално. Ќе ја видите годината онака како што била со сите позитивности и негативности. Не треба да бидеме суетни. Тоа се маски кои не сакаат никого да навредат или повредат, никакви национални или верски чувства, него сакаат да ви ја прикажат годината онака како што била на сатиричен и хумористичен начин“, рече тој.

Карневалот започна со дефиле на маскирани групи луѓе од Горно и од Долно Маало во селото, кои преку своите маски пренесоа пораки на сатиричен начин, како и критики за настаните од 2021 година во земјата, регионот и пошироко.

Карневалот ќе заврши утре со традиционалното палење на маските, со што се верува дека нивните сопственици се ослободуваат од злото и дека годината ќе им биде среќна и бериќетна.

Инаку, Вевчанскиот карневал е стар повеќе од 1.400 години и негува одредени специфични обичаи. „Зетот“ и „Невестата“ се главните ликови-маски кои се задолжени ноќта меѓу 13 и 14 јануари да ги посетат сите, околу 700 куќи на Вевчани, за да соберат пари, што се наменети за донации. Маските се чуваат во најголема тајност и никогаш не се повторуваат на некој од наредните карневали.

„Вевчанскиот карневал“ е манифестација која преку различни маски и персонификации, со критизирачки и сатиричен осврт пренесува пораки за настаните што се случија во текот на претходната година во земјата, регионот, но и во светот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.