Admir Fazlagic
26 Јануари 2020•Ажурирај: 28 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Снимателите на документарниот филм „Медена земја“, Самир Љума и Фејми Даут, се добитници на наградата за најдобра кинематографија, што синоќа првпат ја додели Американското здружение на кинематографери (ASC) во Лос Анџелес, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Американската асоцијација на кинематографери ги доделува наградите за извонредни достигнувања по 34-ти пат оваа година. Ова се најзначајните светски награди посветени на филмската камера.
На церемонијата за доделувањето на наградите, Љума истакна дека ја добил најважната награда што може да ја посака еден кинематографер.
„Ние сме од Македонија, земјата во која се одржува најстариот фестивал посветен на кинематографијата – Браќа Манаки“, рече Самир Љума во својот говор на сцената.
За најдобар кинематографер беше прогласен Британецот Роџер Дикенс за филмот „1917“ во режија на Сем Мендес.
Во категоријата „Најдобри режисери“ на Здружението на режисери на Америка, чии награди, исто така, беа доделени синоќа, беа номинирани и режисерите на „Медена земја“ Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.
Наградата во оваа категорија му беше доделена на режисерот Стивен Богнар за филмот „Американска фабрика“.
- Документарецот „Медена земја“
Документарниот филм „Медена земја“ („Honeyland“) на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска успеа да добие две номинации за претстојното доделување на „Оскар“ – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм. Ова е првиот македонски филм со две номинации за „Оскар“.
Церемонијата на 92. доделување на највисоката филмска награда „Оскар“ ќе се одржи на 9 февруари во театарот „Долби“ во Лос Анџелес.
Инаку, документарецот „Медена земја“ во февруари минатата година беше во официјална конкуренција на престижниот американски Фестивал за независни филмови „Санденс“, при што ја доби наградата на жирито за најдобар документарен филм во конкуренција со документарци на светско ниво. На снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography).
Исто така, документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).
Документарецот е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, а поддржан е и од Агенцијата за филм.