Besar Ademi
08 Декември 2016•Ажурирај: 09 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во рамките на државниот празник „Свети Климент Охридски“ во Собранието на Република Македонија беше доделена традиционалната награда „Св. Климент Охридски“ за 2016 година, која е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина, како и во социјалната дејност од јавен интерес за земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во областа на воспитанието и образованието, наградата оваа година му беше доделена на фолклористот Марко Китевски, а во областа на културата и уметноста наградата им беше доделена на музичката уметница Гордана Јосифова Неделковска, скулпторот Жарко Башевски, поетесата Весна Стојчевска и публицистката Лилјана Мазова.
Наградите ги врачи академик Владо Камбовски, кој рече дека Свети Климент Охридски остана најголемата историска личност, не само за македонското небо, туку и во поширокиот балкански регион.
„Република Македонија денес е мултикултурно општество што се стреми во 21 век да се вклучи во рамноправен натпревар со другите европски општества, како општество засновано врз знаења. Тоа значи дека развојот на обрзованието, науката, културата и другите општествени дејности е клучниот просветителски постулат во времето на големи предизвици за нашето општество“, изјави Камбовски, додавајќи дека ова е наследство од свети Климент Охридски.
Истовремено, во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје беше одржана литургија од претседателот на Македонската православна црква, архиепископот г. г. Стефан, како и други традиционални практики во чест на празникот „Свети Климент Охридски“, на кои учествуваше и претседателот на државата, Ѓорге Иванов.
Инаку, празникот 8 декември е Ден на Свети Климент Охридски, со кој се одбележува дејноста на овој сесловенски просветител и основач на Охридската школа, кој починал и бил погребан во Охрид.
Денес многу цркви, институции, училишта и здруженија го носат неговото име, меѓу кои и Соборниот храм и Националната универзитетска библиотека во Скопје, Универзитетот во Битола и други.