СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -
Милчо Манчевски е светски познат филмски режисер, чии филмови се дистрибуирани во повеќе од 50 земји, а неговите дела досега имале повеќе од 250 фестивалски проекции.
Милчо Манчевски е режисер на долгометражните филмови: „Пред дождот“ (1994), „Прашина“, (2001), „Сенки“ (2007), „Мајки“ (2010), „Бикини Мун“, (2017), краткометражниот филм „Четврток“ (2013) вклучувајќи и над 50 други краткометражни филмови, документарци, реклами, музички спотови и други дела.
Американскиот весник „Њујорк тајмс“ го вклучи неговиот филм „Пред дождот“ во листата на 1.000 најдобри филмови некогаш направени.
Манчевски е роден во Скопје, во 1982 година дипломирал на факултетот за филм и фотографија во Карбондејл, во американската сојузна држава Илиноис, а повеќе од три децении живее и работи во Њујорк.
Во разговор за Anadolu Agency (AA) режисерот Манчевски зборува за неговите филмски остварувања, мотивите за уметничкото творење, за светската кинематографија, како и за актуелните проекти на кои веќе работи.
За себе вели дека никогаш не размислува за она што го работи, туку дека тоа му е како потребата да дише.

„Јас никогаш не размислувам за тоа зошто нешто работам, зошто правам некои дела, и никогаш не ми треба некој дополнителен поттик, тоа е како потребата да дишеш. Мислам, да се креира нешто ми доаѓа како нормален редовен импулс одвнатре, нешто за што не размислувам, нешто што ме радува и нешто што ме движи, и мислам дека не сум единствен во тоа размислување, мислам дека повеќето вистински уметници така размислуваат“, вели Манчевски.
Според овој истакнат филмски режисер, вистиското прашање е дали бавењето со уметноста е поради порив или пак поради „црвенот килим“.
„Вистинското прашање е дали човек се бави со уметноста заради тоа што има порив, затоа што самиот процес му е убав, или затоа што му е убаво кога ќе искомуницира со некој непознат човек, или тоа го прави од други причини, како што се црвените килими, за слава и слично“, истакнува Манчевски.
- „Додека го работев 'Пред дождот' не знаев дека ќе има таков успех“ -
Во прилог на успешната и богата режисерска кариера на Манчевски оди фактот што тој е автор на повеќе од шеесет филмски дела, краткометражни, играни и документарни филмови, видео-записи и долгометражни филмски сценарија.
За неговиот филм „Пред дождот“, кој постигна забележителен успех во светот на кинематографијата, вели дека додека го работел не знаел дека ќе постигне успех од толкави размери.
„Додека го работев 'Пред дождот' не знаев дека ќе има таков успех, ама се надевав, бев многу самоуверен во тоа, не поради успехот, туку поради вербата во делото, знаев дека ќе биде добро дело, знаев дека како филм ќе држи, дека ќе може да го стопли човека. Беше тешко, имавме многу продукциски проблеми, кога го завршивме филмот, за мене беше најголема награда што сме го завршиле“, открива Манчевски, додавајќи дека за успех го смета и фактот што овој филм остана во срцата на луѓето и после 25 години, што за него истовремено е и радост и оптоварување.
- Филмот „Врба“ раскажува за „две и пол“ љубовни приказни -
Говорејќи за своите актуелни проекти, режисерот Манчевски открива дека сега подготвува филм кој ќе се снима во Македонија. Несебично споделува дека филмот ќе се вика „Врба“ во кој, како што самиот кажува, се сместени „две и пол љубовни приказни“, кои покриваат период од 400 години. Се случуваат на град и на село, денеска и во минатото, и централно место зазема љубовта и тагата на тие конкретни луѓе.
- „Уметникот е како канаринец во рудникот“ -
Во однос на моќта на филмската уметност како коректив на општеството, Манчевски нагласува дека повеќе од очигледно е оти филмот има своја социјална функција.
„Велат дека уметникот е канаринецот во рудникот, дека уметникот е тој што прв ги забележува нештата и потоа тоа им го кажува на останатите. Мислам дека вистинската уметност треба да го надмине периодот во којшто живее, треба да го надмине политичкиот систем во којшто се создава, и треба да има нешто општо човечко, историски универзално, кое може да го разбере човек и после 200 години“, смета Манчевски.
Петтиот игран филм на Милчо Манчевски, „Бикини Мун“ (Bikini Moon), во октомври минaтата година имаше светска премиера на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, најголемиот фестивал во Латинска Америка.

За овој филм, Манчевски објаснува дека всушност е приказна за губење на приватноста поради технолошкиот напредок, поради медиумите и поради човечкото однесување. Филм кој зборува за луѓе кои се изгубени, кои страдале во војна, во конкретниот случај поради американската војна во Ирак. Бикини Мун Дејвис во ова филмско остварување е жена која е повратник од војната во Ирак, харизматична и духовита, привлечна и енергична, но која има и ментални проблеми.
- „Турската кинематографија е една од трите најважни во светот“ -
За турската кинематографија Манчевски говори во суперлатив, сврстувајќи ја во трите најважни кинематографии во светот.
„Турција има феноменални филмови. Веројатно, трите најважни кинематографии во моментот во светот се иранската, романската и турската. Тоа се филмови кои се длабоки и издржани, и зборуваат на свој ритам. Тоа се дела кои во истовреме инспирираат“, потенцира Манчевски.
Открива дека филмот „Бикини мун" е поканет на фестивалот во Истанбул, каде на 9 април ќе ја има својата премиера во Турција, што воедно ќе биде и азиска премиера на филмот. Манчевски ќе има свое предавање и средба со публиката.
„Истанбул е инаку еден од фестивалите каде што играле сите мои филмови, со тоа што 'Прашина' не играше на Истанбулскиот фестивал туку во Измир, и со 'Бикини мун' ја продолжувам таа традиција. Многу ме интересира како филмот ќе биде доживеан од публиката таму, затоа што она искуство што досега го имам со публиката во Истанбул е дека тоа е многу софистицирана публика која знае длабоко да навлезе во филмовите, знае да биде критична и знае да биде емотивна во доживувањето на филмот“, истакнува режисерот Манчевски.
За крајот на разговорот Манчевски порачува дека и во регионот и во светот воопшто, би било многу поубаво кога би имало повеќе чесност, поголемо разбирање и повеќе љубов.
news_share_descriptionsubscription_contact
