СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -
Секој народ има одредени свои карактеристики поради кои се разликува од сите останати. Несомнено, за Ромите, без оглед во кој дел од светот се наоѓаат, општо познато е дека се извонредно талентирани музичари.
Свират на различни инструменти, пејат различни жанрови на музика, играат многубројни различни танци. Во прилог на кажаното оди и богатата и успешна музичка кариера на Бајса Арифовска.
Таа е музичар, претставник на новата генерација ромски и македонски музичари. Арифовска е мултиинструменталист, свири на преку 15 инструменти, меѓу кои на клавир, кавал, тапан, тарабука, кларинет, виолина, тамбура, а пишува и своја музика. Арифовска е прва Ромка во Македонија што компонирала музика за балет, станува збор за делото „Скршен сон“, што го напишала во 2009 година. Во последните години, Арифовска работи како инструменталист и асистент на оркестарот во националниот ансамбл „Танец“ во Скопје.

Во разговор за Anadolu Agency (AA) по повод Светскиот ден на Ромите - 8. Април, говори за љубовта кон музиката, нејзината кариера, како и влијанието на музиката во животот на Ромите.
Љубовта кон музиката кај Арифовска вели дека почнува од мали нозе, а за изборот на правецот на музичката кариера, односно изворната музикa, вели дека влијаело местото од каде што потекнува, каде што пораснала и живеела, а тоа е источна Македонија, поточно Македонска Каменица, каде се негува традицијата, се пеат традиционални песни со различни теми, свадбени, жетварски, празнични, хумористични и други.
- Дружење со музиката уште од раната возраст -
Арифовска се присетува дека првата мандолина ја добила на подарок од нејзината баба за осмиот роденден. Оттогаш до ден денес, нејзиниот живот е исполнет со музика, таа постојано свири, истражува за музиката и поради, како што самата истакнува, големата љубопитност, постојано учи нешто ново.
Токму поради тоа, уште од нејзината најрана возраст, таа била опседната со музиката, нејзините повозрасни членови од семејството морале да ја кријат мандолината за таа да се посвети и на обврските во образованието.

„Jас, како немирно детенце, ќе начекам да нема дома никој, се обидував да ја наштимам (мандолината) и нешто да си 'поткраднам' сама за себе што секако не било на одмет. Така беше и подоцна со другите инструменти, ги немав многу достапни, можеби таа мандолина била единствениот вистински школски инструмент за мене, подоцна дојдоа кога почнав официјално да заработувам на 20 години имав свои купени инструменти“, раскажува Арифовска.
Таа во својата досегашна кариера, повеќе од една децнија била професор во државниот Музичко - балетскиот училишен центар „Илија Николовски - Луј“ во Скопје, каде на учениците им предавала за народните инструменти.
Арифовска истакнува дека во развојот на нејзината музичка кариера исклучително позитивно влијание имала соработката со професорот Драган Даутовски и квартетот во чии состав била и таа.
За нејзе, вели, дека тоа искуство ѝ значело многу, бидејќи смета оти е важно кога „ученикот ќе си го најде својот професор.“
Арифовска се согласува со фактот дека е ретко да се најде личност која свири најмалку 15 различни инсрументи, но наведува и дека не би можела да се определи на кој инстумент најмногу сака да свири. Вели дека се во прашање фази на работа, а дека моментално е сконцентирана на аранжмани за традиционална музика каде што се негуваат кавалот, гајдата, тамбурата и тапанот.

„Најдобро ми е кога ќе го земам тапанот и кај моите во Берово на ридот, заедно со зурлите, таму се чувствувам навистина своја. Гајдата исто, тоа е делот на изворната музика, во делот на чалгиската музика се имам среќавано и стекнато искуство со чалгиите од Македонската радио-телевизија, и со нив успеав да снимам добар проект“, истакнува Арифовска.
- Важноста на музичкото образование за децата Роми -
Во својата кариера, Арифовска дала голем придонес во музичката едукација на ромските деца во Македонија, со кои, со голема желба и ентузијазам работела во мандолинскиот оркестар на ромскиот културен и едукативен центар „Дархија“ до 2007 година.
„За 6-7 години во Дархија успеав да направам оркестар, да извадам 'од бунар' стари ромски песни, да ги аранжирам и да ги научам децата да просвират. Како што растеа, така доаѓаше време каде да учат, јас бев тука да кажам: 'Па, да, мислам музиката најдобро ви стои', или било што друго, децата морате да ги откриете и да им дадете некаква шанса и патоказ“, вели Арифовска.
- „Ромите најдобро се изразуваат преку музиката“ -
Арифовска вели дека музиката игра посеба улога во животот на Ромите, бидејќи тие преку музиката најдобро се изразуваат.
„Веројатно тоа е начин да се изразат себе си, веројатно е начин на којшто понекогаш изразуваат лутина, понекогаш среќа, многу почесто среќа. Тие и да се тажни во себе, а повеќето многу повеќе носат тага во себе, и сето тоа знаат да го изразат со некои нивни чувства и да направат театар, и да направат народна уметност од нивното битие ... Начин да се изразат себеси, дефинитнивно. Ним душата им пее и им свири. Природа ...“, заклучува Арифовска.

Таа објаснува дека како и сите останати етнички заедници во мултиетничка Република Македонија, и Ромите се соочуваат со бројни проблеми, но дека е потребно да се поработи на квалитетни образовни програми со чија помош Ромите ќе можат да добијат знаење, кое ќе придонесе да го подобрат квалитетот на животот, а со тоа да се намалат и социо-економските проблеми, но и генерално, да се подобри сликата за Ромите.
По повод Светскиот ден на Ромите, Арифовска порачува дека Ромите треба да се слушаат себе си, да го извлечат најдоброто, да бидат корисни за себе и за општеството, и смета дека тоа е најдобар начин на кој може да се живее среќно.
- Ромите во Македонија -
Припадниците на ромската заедница се дел од Уставот на Р. Македонија од 2001 година, признаени како посебна етничка заедница. Според пописот од 2002 година, во Македонија живеат околу 53.879 Роми или 2,66% од вкупното население, додека некои невладини организации, повикувајќи се на своите истражувања, велат дека оваа бројка е поголема.
Во општината Шуто Оризари, во која Ромите се мнозинско население, ромскиот јазик е официјален. Според наводите на ромските функционери во Македонија, оваа општина е единствена во Европа чиј градоначелник е Ром. Освен во оваа општина, од 85 општини во земјата, во 50 од нив живеат припадници на ромската заедница. Ромскиот јазик е службен и во општина Куманово. Ромите имаат и свои припадници во Парламентот и министер во Владата на Република Македонија.
- Денот на Ромите се одбележува од 1990 година -
Денот официјално е прогласен 1990 година во Сеороцк во Полска, на местото каде се одржа четвртиот Светски ромски конгрес на Меѓународната ромска унија во спомен на првата меѓународна средба на ромските претставници одржан во Челсфилд, во близина на Лондон од 7-12 април 1971 година.
На тој конгрес донесена е одлука за ромската химна, за која е избрана песната „Ѓелем, Ѓелем" (ромски: Одев, одев) и одлуката за ромското знаме кое се состои од сина и зелена боја кои ги претставуваат небото и земјата. На средината на знамето се наоѓа тркало, црвена чакра, кое ја претставува миграцијата на Ромите.
news_share_descriptionsubscription_contact
