СКОПЈЕ (АА) – Џихад Алиу – Приказната на Јуџелите кои биле од предците на борбата во време на Југославија за зачувуање на својата традиција, обичаите, јазикот и религијата на Турците кои живееле во Македонија, чека да се пренесе на големото платно.
Младиот режисер и сценарист, Сезер Салихи, со цел да ги информира луѓето за движењето „Јуџели“, за коешто постојат многу малку информации, во разговор за Аnadolu Аgency (AA) го претстави својот краток филм за „Движењето Јуџели“.
Салихи, кој најпрво го снимил овој краток филм како дипломски проект на универзитетот, подоцна го користел за информирање на своите сограѓани за ова движење. Салихи вели дека многумина млади скопјани не ја знаат епската приказна на Јуџелите.
- „Со нискобуџетниот филм сакам да ја подигнам свеста на луѓето“
Салихи рече дека со овој нискобуџетен филм сака да им ја пренесе јуџелската епска борба и војна за опстанок на Турците од Македонија, во Македонија и во целиот свет.
Младиот режисер потсети дека во тој период во Југославија биле затворани сите организации на малцинствата, и потенцираше дека тоа не се случувало само со Турците во Македонија, туку истовремено со истиот проблем се соочувале и муслиманите од Босна и Косово.
Укажувајќи дека досега темата за движењето на Јуџелите не е обработена во театар или во кино, Салихи рече: „Нема ниту документарен, ниту краткометражен, ниту пак долгометражен филм во врска со ова движење. Сѐ што има се неколку информации на интернет и книга. Достапни се и малку информации во весникот ’Бирлик’, кој излегувал во тој период, но генерално не се знае за ова движење. Мојата цел е да им ги пренесам овие информации на идните генерации преку филм. Филмот е многу важна алатка за комуникација, која има улога во подигањето на свеста, како и споделување на информации“.
Салихи објаснува дека првпат со ова движење се запознал пред две години, и дека сценариото го напишал по долго истражување и хронолошко подредување на информациите. Тој добил голема мотивација токму поради тоа што имал многу малку материјал во врска со темата.
Во краткиот филм, за кој снимањата траеле околу еден месец, а биле комплетирани во мај, Салихи им дава улога на неколку млади актери, како и на дојенот на Турскиот театар од Скопје, Селахатин Билал.
Тој објаснува дека филмот се состои од две главни сцени: „Во првата сцена на филмот, додека Селахатин Билал поминува по улица, забележува една жена која работи во катастарот, како застанува пред една куќа. Тој ја прашува жената што бара таму. Жената вели дека доаѓаат од катастарот и ги интересира чија е куќата. Филмот секако започнува со една критика за тоа дека, иако поминале 70 години, ништо не е променето. Другата сцена ја објаснува 1947 година, градењето на таа куќа од страна на Јуџелите – што значи таа куќа за нив и што всушност сакаат тие да направат. Во последната сцена, Билал во својата реплика вели дека не смеат да ја срушат таа куќа – сака да каже оти таа куќа му припаѓа на народот и го објаснува турскиот идентитет во оваа држава“.
Салихи потенцира дека поради нискиот буџет, биле принудени приказната да ја раскажат накратко: „Кешке да имавме поголеми средства, па овој еп да го прикажевме поопширно. Буџетот го основавме јас и уште тројца другари. Се обидовме да пројдеме со пари од наш џеб. Имав фотоапарат, кој го продадов поради ова, а бев принуден и да барам заем од моите другари и од семејството. Другарите што работеа со мене беа делумно платени. Дневните оброци ги поминувавме со бурекот од мајка ми, а како уметничка декорација на сцена ги користевме Куранот на баба ми и семејната дактилографска машина.
- „Со помош на моменталната власт, им се даде право на глас на румелиските Турци“
Пренесувајќи една анегдота во врска со доживеаните случки на движењето на Јуџелите, Салихи рече: „Југословенската влада почнува да ги следи Јуџелите во 1947 година. Забележувајќи го ова, Јуџелите одлучиле да напишат писмо до Туција, со образложение дека се Турци и дека државата треба да застане зад нив. Во писмото велат дека ако Турција не ги заштити, овдешниот режим ќе ги истреби. На ова писмо, тие добиваат одговор дека влада не ја интересираат Турците надвор од границите на Турција. Потоа започнува судски процес без поддршка од Турција. Доколку овој процес беше следен од Турција, можеби казната немаше да биде толку остра, и немаше да биде ваков измислен процес. Од тогаш досега, поминати се 70 години. Со помош на моменталната власт, се чу гласот на румелиските Турци. На ваков начин почнаа да излегуваат на виделина ранливите приказни на румелиските Турци. Доколку има поддршка, може да се обработуваат многу теми, вклучувајќи ги и Јуџелите“.
- Јуџелите се причина што денес постојат Турците и турскиот јазик во Македонија“
Салихи рече дека со овој филм има за цел да ја подигне свеста кај луѓето: „Јуџелите се причина за денешното постоење на турскиот јазик, турскиот театар, турските училишта, турски книги и турски весници во Македонија, затоа што тие се бореле до смрт за тоа. Тие се бореле за зачувување на традицијата, обичаите, вредностите, јазикот, религијата, книгите и училиштата“.
Салихи нагласи дека е подготвен да работи на еден поголем проект, кој би бил поддржан од Турција, за да ја објасни приказната за Јуџелите на целиот свет.
- Движењето на Јуџелите
Муслиманите Турци, кои живееле во Македонија, во 1937 година почнале да се организираат за да ги заштитат и да ги заживеат своите национални и духовни вредности, традицијата и обичаите.
Организацијата во 1945 година била наречена ’Јуџел’, а претседателството било во надлежност на Шуајб Азиз Ефенди, кој се едуцирал во медресето на Аталулах Ефенди од Скопје, кој подоцна се едуцирал и на Универзитетот Ел Езхер во Египет, во полето на исламско право, исламска схоластика и суфизам.
Во август 1947 година, кога започнало елиминирањето на сите националистички организации во Југославија, 16 лица биле фатени и против нив е започната судска постапка. На 25 јануари 1948 година е донесена одлука за смртна казна на 4 лица од организацијата. На 27 февруари, стрелани се Шуајб Азиз, Адем Али, Али Абдурахман и Назми Омер, а на останатите им е изречена тешка затворска казна.