Gözde Bayar
30 Јули 2019•Ажурирај: 31 Јули 2019
АНКАРА
Во Индија во октомври ќе биде прикажан филм за озлогласениот „Син кит“, кој има за цел да го сврти вниманието кон растечкиот тренд на самоубиства, наводно поврзани со тој онлајн предизвик.
Винод Пуџари, режисерот на филмот што го носи името „Maya Kannadi“ (Огледало на илузијата), за Anadolu Agency (AA) изјави дека филмот ги прикажува кристално јасните замки на технолошката зависност.
Пуџари, кој исто така е и сценарист, истакна дека снимањето на овој филм се одвива во кампусот на еден универзитет, каде што студентите играат предизвик кој на крајот ги наведува на самоубиство.
Главниот лик во филмот, студентот Сенди, настојува да ја реши мистеријата што се крие зад оваа игра.
Играта наводно е со потекло од Русија, а студентот кој ја развил е уапсен во 2016 година. Предизвикот прво се појавил на социјалните медиуми во таа земја, но брзо се проширил и на останатите.
Предизвикот „Син кит“ е наменет за тинејџерите, кои добиваат 50 задачи за 50 дена.
Ги наговараат да извршат разни задачи, како гледање хорор-филмови, но и да учествуваат во некои опасни активности. Последниот предизвик е да си го одземат животот.
Режисерот на филмот што се занимава со оваа појава ги повикува младите да побараат помош доколку се соочат со таква содржина на интернет.
„Добрите страни на ножот зависат од тоа дали се користи за сечкање зеленчук или за убивање некого. Технологијата може да биде добра доколку се користи внимателно“, нагласи Пуџари.
Тој додаде дека пред пишувањето на сценариото за филмот детално читал за онлајн игрите, особено за „Синиот кит“.
„Бројот на лица што си го одзеле животот ме вознемири. Загрижен сум за денешната генерација. Се почувствував како да морав да ги разбудам младите. Во игрите, како „Син кит“ и „Момо“, никој не може да продолжи понатаму, откако ќе победи. За жал, победничкото ниво е ниво на смрт“, изјави Пуџари.
Еден од актерите, Прабху Мундкур, за АА изјави дека филмот им порачува на младите да не ѝ робуваат на технологијата.
„Сета таа технологија ја создадовме ние, луѓето, и мораме да бидеме свесни за замките што ги прават останатите“, изјави Мундкур.
Тој истакна дека целта на тоа филмско остварување е младите генерации да ја разберат важноста на животот и да им се помогне да ги избегнат замките на модерното време.
Предизвикот „Син кит“ наводно, е поврзан со смртта на стотици тинејџери, особено во Русија, поради што надлежните органи во многу земји издадоа предупредување до родителите.
Според наводите на медиумите и тврдењата на родителите, повеќе од 140 лица во Турција и околу 300 во Русија си го одзеле животот, откако наводно, го играле предизвикот „Син кит“.