Müslüm Etgü
19 Декември 2019•Ажурирај: 20 Декември 2019
ШАНЛИУРФА (АА) - Министерот за култура на Северна Македонија, Хусни Исмаили, истакна дека фактот што Гобеклитепе датира од пред 12 илјади години, отвора важни прашања и дебати во археолошкото поле, и дека науката во иднина ќе најде одговори на овие прашања, јавува Агенција Анадолија (АА).
Исмаили денеска го посети Гобеклитепе, кој се наоѓа на Листата на светско наследство на УНЕСКО (UNESCO), во рамките на посетата на Шанлиурфа како дел од активностите организирани од Институтот „Јунус Емре“.
Исмаили, наведувајќи дека првпат доаѓа во Шанлиурфа, рече дека посетата на Турција е реализирана со помош на Институтот „Јунус Емре“, една од најважните институции во Турција.
„Презадоволен сум од оваа посета организирана под покровителство на проф. д-р Шереф Атеш, претседател на Институтот „Јунус Емре“ и напорите на Серхат Кула, директорот на Институтот „Јунус Емре“ од Скопје. Пред да дојдам тука имав предвидувања за тоа што ќе видам, но она што го гледам овде, навистина предизвикува нови прашања, не само кај мене туку кај сите луѓе, во нашите умови. Вредностите што ги прифаќаме како реални, вклучително и формалниот образовен систем што го прифаќаме како апсолутен, всушност се релативни. Фактот што Гобеклитепе датира од пред 12 илјади години, отвора важни прашања и дебати во археолошкото поле. Науката во иднина ќе најде одговори на овие прашања“, нагласи Исмаили.
Измаили, посочувајќи дека Институтот „Јунус Емре“ спроведува важни активности во однос на промоцијата на турската култура низ светот, рече дека во тие рамки организираат културно-уметнички активности и во Северна Македонија.
Тој исто така рече дека во Северна Македонија, 5 илјади лица ги посетуваат курсевите по турски јазик.
„Сите активности од областа на културата и уметноста придонесуваат за зближување на двете култури, кои и онака се блиски една со друга, и продлабочување на соработката. Исто така, во рамките на оваа посета го отворивме и Културниот центар на Република Северна Македонија во Истанбул. Во рамките на соработката, споменикот на културата „Куршумли ан“ од 15 век, од османлискиот период, ќе биде предаден на Турција. Институтот „Јунус Емре“ ќе го користи како културен центар. Откако ќе заврши реставрацијата ќе стане еден огромен центар во кој ќе се промовира турската култура“, рече Исмаили.