Zülfiya Yakup
07 Мај 2017•Ажурирај: 08 Мај 2017
ПРИШТИНА (АА) - Зулфија Јакуп
Мимоза Студеница, дизајнерка од Приштина, е прва во Косово која изработува слики со техника позната како „хартиен филигран. Во нејзините слики преовладуваат ликовите на светски познатите уметници како Мерлин Монро, Мик Џегер, Дејвид Боуви, Битилси, како и многу други женски ликови, но и нештата од секојдневниот живот.
Техниката Хартиен филигран настанала пред повеќе стотици години, кога уметниците откриле дека тесните ленти од хартија може да се виткаат и ролуваат, и така распоредени да формираат преубав дизајн.
Мимоза најпрво почнала да прави хартиени колажи, а потоа, сакајќи да го збогати своето знаења, пребарувала на интернет и ја открила техниката на Хартиен филигран. Пред три години, преку интернет контактирала со една уметничка од Бразил, која и ги објаснила основите на оваа техника.
Таа во својата работа користи хамер хартија во боја, која ја сече на ленти и ја обликува во ролни со различни големини, а потоа ги лепи на позадина од ткаенина.
„Купувам хартија, ја сечам на машина за прецизно сечење на хартија со ширина од 1 или 2 сантиметри, колку што сакам. Потоа на платно цртам контури на цртежот. Потоа контурите ги пополнувам со ролни, кои ги правам со помош на чепкалки за заби и лепам со туткал“, ја објаснува постапката на работа, Мимоза Студеница.
Нејзината прва изработка била слика на папагал, кој има многу различни бои и соодветен е за оваа техника. Кога станува збор за човечки ликови, додава Мимоза, треба малку поголемо внимание за изработка на очите и на устата.
„На пример, кај Мерлин Монро, морав да ги поправам забите, бидејќи го изгубив нејзиниот карактер. И ги направив забите многу мали и делуваше постаро. Потоа ги тргнав, иако тоа е доста голем проблем, а потоа го направив по вторпат“, вели таа.
Во зависност од големината на сликата и од тоа колку платното се пополнува, за изработка на една слика потребни ѝ се и до две недели интензивна работа, што подразбира најмалку четири часа на ден.
Мимоза неодамна во Галеријата на Министерството за култура во Приштина ја имаше својата прва самостојна изложба насловена како „Градски приказни завиткани во ролни“, на која беа изложени 37 нејзини дела на кои интензивно работела претходните три години.
„Јас не сум размислувала за изложба. Ова го работев за своја душа, но отворен беше конккурс за изложбата и решив да конкурирам. Сите беа изненадени од техниката, бидејќи кај нас не наишле на ваков вид на техника“, вели Мимоза.
Изложбата доби многу позитивни критики меѓу луѓето од светот на уметноста и од граѓаните на Косово.
Мимоза ги советува младите во Косово да не губат време седејќи во кафулињата, туку да истражуваат преку интернет и да работат на себе, додека на официјалните лица им порачува меѓусебно да соработуваат, а не да ги гледаат само сопствените интереси.
„Уметноста не е политика и треба да се соработува. За жал, политиката ја има насекаде, има големо влијание и се создаваат бариери. Кога кај младите генерации подолг период нема успех, тоа доведува до разочарување", вели таа.
Мимоза Студеница, нагласува дека во Косово има толку многу талентирани луѓе, но тие треба да се охрабрат, и луѓето во Косово треба да се помагаат едни со други, со цел да стигнат во Европа.
„Никој не ни е виновен, додека ние самите не ја регулираме нашата работа. Сами треба да ги организираме работите со цел да постигнеме нешто, како во полето на културата, така и во која било друга област“, заклучува Студеница.