Инспирирана од весник, Турчинка ја совлада древната техника тезхип и денес им ја пренесува на младите генерации
„Суштината е во хармоничното осмислување на композицијата, во правилната употреба на древните мотиви и нивна примена така што ќе му бидат пријатни и на окото и на душата“
Bursa
БУРСА (AA) – БУШРА НУР ЈИЛМАЗ – Инспирирана од вест што ја прочитала во весник за време на студиите, 51-годишната Мелиха Кантарџи со сопствен труд се усовршила во древната турска уметност цртање тезхип и денес продолжува оваа уметност да им ја пренесува на своите ученици и да создава нови дела, јавува Анадолу.
За време на студиите во Анкара, Кантарџи, поттикната од статија во весник, започнала обука по тезхип во една работилница за ликовна уметност, каде што две години ја изучувала оваа техника.
По дипломирањето и започнувањето со работа како наставник по ракотворби во друг град, Кантарџи била принудена да се одвои од својата менторка, но и во тој период продолжила самостојно да работи и да се усовршува.

Со текот на времето, во оваа уметност, за која се потребни исклучително трпение и прецизна изработка, а подразбира украсување табли, ракописни книги и страници со злато, Кантарџи се стекнала со звање „носител на нематеријално културно наследство“, доделено од Министерството за култура и туризам.
Нејзините дела се наоѓаат во приватни колекции и музеи, а добитничка е и на повеќе награди. Денес Кантарџи продолжува да подучува ученици и да создава дела во Бурса.
- „Сѐ што можев да најдам, го впивав во себе“ -
Во изјавата за АА, Кантарџи раскажа дека уште од детството чувствувала силна потреба за уметност, поради што се запишала во средно стручно училиште за ракотворби, но таму не го пронашла тоа што го барала.
По матурирањето, во 1995 година се запишала на универзитетот „Гази“, на одделот за наставник по ракотворби.
„Еден ден пријателка ми донесе мала вест од весник – ‘Во Анкара е отворена работилницата Туркуаз за ликовни уметности’. Се запрашав дали можеби ова може да се поврзе со мене и се јавив. Во една зграда на улицата Бајиндир во Кизилај се одржуваа часови по ебру, калиграфија и минијатура. Таму затекнав средина во која, меѓу другите, предаваше и Мухсине Акбаш, ученичка на мојата менторка Чичек Дерман. Во периодот 1996–1997 година влегов во тој свет и така ми се отворија вратите на уметноста тезхип“, раскажа таа.

Кантарџи истакна дека по дипломирањето во 1999 година била распоредена на работа во Сивас, по што била прекината врската со нејзината менторка.
Таа нагласи дека традиционалните уметности со векови се изучувале преку односот мајстор–ученик.
„Невозможно е две години да бидат доволни. За тоа време може само да се види почетокот на тезхипот. Тоа е уметност што бара долг и истраен процес на учење. Моето образование остана незавршено. Дојдов во Сивас и почнав да работам како наставник. За да се создаде бисерот, мора да се истрпи болка. Истражував многу. Тогаш немаше можности како денес. Сѐ што можев да најдам го впивав во себе, го филтрирав низ сопственото сознание и вложував огромен труд“, рече Кантарџи.
Таа додаде дека паралелно со работата во основни училишта, женски стручни училишта и центри за образование на возрасни, дома продолжила самостојно да работи и да изучува тезхип.
Од 2011 година Кантарџи предава часови по тезхип во народниот образовен центар „Османгази“.
Нагласувајќи дека тезхипот е уметност што бара имагинација, Кантарџи рече дека не станува збор само за вештина на држење четка.
„Суштината е во хармоничното осмислување на композицијата, во правилната употреба на древните мотиви и нивна примена така што ќе му бидат пријатни и на окото и на душата“, истакна таа.
Кантарџи потенцираше дека во тезхипот мора да постои оригинален дизајн, додавајќи дека особено е инспирирана од уметничките дела од периодот на Тимуридите.
Иако е самостојна уметничка гранка, тезхипот, како што рече, е нераскинливо поврзан со калиграфијата.
Истакнувајќи дека нејзини дела се наоѓаат во голем број приватни колекции и музеи, Кантарџи додаде дека учествувала и во украсувањето на внатрешноста на една џамија во Бурса.
„Понекогаш влегуваме во џамии и гледаме несоодветни шари и празнини во бојата, што многу ме растажува. Тоа ме мотивира да размислувам дека јас можам да ги направам тие дизајни. Ќе продолжам да образувам ученици. Моја единствена желба е по нас, нашите ученици сериозно да ја пренесуваат оваа уметност, со верност кон традицијата и на правилен начин“, заклучи таа.
