Aida Cako
28 Ноември 2024•Ажурирај: 29 Ноември 2024
АМСТЕРДАМ (АА) – Државниот музеј во Амстердам (Рајксмузеј), најголемиот музеј во Холандија, продолжува да ги привлекува љубителите на уметноста и историјата од целиот свет, пречекувајќи илјадници посетители секојдневно, јавува Анадолу.
Во музејот, кој се смета за национална гордост, се изложени 8.000 дела од богатата колекција од над еден милион експонати, создадени во периодот од 1200 до 2000 година.
Меѓу изложените дела се и ремек-делата на светски познатите уметници Рембрант, Јоханес Вермер и Франс Халс, чии дела оставиле траен белег во светската уметност.
Најпознато дело во музејот е „Ноќна стража“ на Рембрант, едно од највпечатливите и најголемите уметнички дела на овој холандски уметник, кое привлекува огромно внимание кај посетителите.
Рајксмузеј, основан во 1798 година, не само што претставува културен симбол туку и едукативен центар каде што посетителите може да се запознаат со историјата и уметноста на Холандија преку богатата збирка слики, скулптури и историски предмети.
Откако е реновиран и повторно отворен во 2013 година, музејот денес нуди современо искуство за посетителите што можат да ги истражат галериите преку интерактивни тури и дигитални водичи.
Со својот монументален дизајн и уникатна поставка, Рајксмузеј продолжува да биде едно од најпосетуваните културни обележја во Европа.
Во состав на музејот работи и истражна библиотека од областа на историјата на уметноста, најголема од овој вид во земјата.
За љубителите на културата и уметноста, Рајксмузеј претставува вистинска ризница на инспирација и приказна за богатата уметничка историја на Холандија.