Abdullah Aşıran
07 Декември 2018•Ажурирај: 08 Декември 2018
АМСТЕРДАМ (АА) - АБДУЛАХ АСИРАН -
Холандскиот активист Симон Врауве речиси пет години во центарот на Амстердам прави перформанс за да укаже на израелското насилство врз Палестинците, јавува Anadolu Agency (AA).
Врауве секоја втора недела доаѓа на плоштадот „Дам“, во центарот на Амстердам. Без оглед на тоа какви се временските услови, Врауве е на плоштадот со велосипедот и приколката и ги истакнува транспарентите и палестинските знамиња.
За време на перформансот Врауве зборува за окупацијата на Палестина и дели брошури во кои повикува на бојкот на Израел. Иако е често на мета на симпатизерите на Израел, Врауве никогаш не размислувал за тоа да прекине со перформансот.
Активистот кој на централниот амстердамски плоштад до сега има настапено повеќе од 500 пати, во разговор со новинарот на АА истакна дека освен случувањата во Палестина, со својот перформанс сака да го искаже и своето незадоволство поради политичкиот став на Владата на Холандија на тема Израел и Палестина.
Тој го искажа и своето незадоволство поради тоа што, како што рече, Владата на Холандија ги обвинува за антисемитизам организациите кои пружаат поддршка на Палестина.
„Она што го правам нема никаква поврзаност со антисемитизам. Од љубов и почитување кон Палестинците на кои им се нанесува болка имам перформанс на плоштадот Дам“, изјави Врауве.
Тој нагласи дека е лошо и жално тоа што се врши насилство врз Палестинците.
„Посебно случувањата во Газа се вистинско дивјаштво. Мораме нешто да сториме по тоа прашање. Мораме многу повеќе да им зборуваме на луѓето за она што се случува во Палестина. А тоа не е можно на начин неколку пати да се одржи протест“, истакна Врауве.
На прашањето какви се реакциите на граѓаните на она што тој го прави, Врауве истакна дека генерално добива позитивни реакции, но истакнува дека многу често е на мета на симпатезирите на Израел.
„Поранешен израелски војник ме вознемирува на плоштадот изминатите 2,5 години. Тоа е многу грдо. Поради тоа е приведуван најмалку 15 пати. Осуден е, бидејќи често ме напаѓа и еднаш ја искина и мојата јакна. Иако му е забрането да ми се приближува поблиску од 35 метри, но тој секогаш го прави тоа и полицијата секогаш реагира. Без оглед на сè, јас ќе продолжам со своите перформанси“, изјави Врауве.