Ömer Erdem
12 Ноември 2022•Ажурирај: 14 Ноември 2022
КАРТУМ (АА) - Културното богатство на африканскиот континент оживува во предметите и уметничките дела што од дрво од абонос ги изработуваат самоуките мајстори на пазарот Габe во Картум, главниот град на Судан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Познат и како Анатик базар, пазарот во Картум ги привлекува ентузијастите, туристите и љубителите на резбата бидејќи е главното место за продажба на предмети и уметнички дела од абонос.
Десетици јужносудански мајстори, резбари, кои главно се самоуки, изработуваат цврсти и трајни дрвени украсни предмети, како музички инструменти, парчиња мебел, статуи и слично.

Нивните тезги се на пазарот Габа, но веднаш до нив се нивните импровизирани ателјеа, па туристите и купувачите можат и лично да видат како настануваат овие ракотворби.
Богатиот асортиман ракотворби вклучува фигури на митски суштества, племенски маски, стапови, бродови, кутии за накит, пехари, садови, а тука се и кожените ракотворби како чантите, паричниците, ѓерданите и алките.
Мајсторот Френсис Лу Вихјоак рече дека дрвото од абонос, кое поминало низ многу процеси на подготовка, се претвора во уметничко дело што ги краси домовите, работните места и автомобилите на милиони луѓе низ светот.

„Нашата работа ја одразува африканската и суданската култура. Туристите можат да ги купат нашите ракотворби по прифатливи цени од неколку долари, а во понудата имаме и уметнички дела кои чинат неколку стотици долари“, рече Вихјоак.
Абонос е име на дрвото од родот Diospyros, кое припаѓа на фамилијата Ebenaceae и го има во тропските предели, особено во Африка и Америка, како и во некои региони на Азија.
Абоносот е тешко дрво со многу голема густина и многу фина текстура со многу мек капацитет за полирање. Се смета за благородно и вредно дрво. Овие карактеристики овозможуваат изработка на цврсти и трајни украсни предмети.