Dzihat Aliju
13 Ноември 2022•Ажурирај: 15 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) – Балетска и танчерска група од Туркије настапи и освои високи места на Интернационалниот танцов натпревар „Stage 2022“ што се одржа во Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
На натпреварот, на кој учествуваа стотици танчери од десетина земји, танчерите од Светскиот танцов центар од Туркије го освоија првото место во категоријата јуниори во групно натпреварување, третото место во категоријата јуниорки, првото место во поединечната категорија за мажи, второ место во категоријата сениори во групно натпреварување, прво место во категоријата класичен балет - сениори и прво место во категоријата модерни танци - соло.

Меѓу танчерите кои освоија два купа и десетици медали, Берил Ада Оздемир беше прва во категоријата модерен и класичен балет, Петек Кизмаз беше трета во категоријата млади балерини и Хусеин Сефа Коркмаз го освои второто место во машка категорија.
- „Работиме напорно за класичната уметност да оди напред“ -
Оценувајќи го учеството на натпреварот што се одржа во Националната опера и балет на Северна Македонија, Бахри Гурџан, еден од поранешните главни балетани на Државната опера и балет на Туркије и уметнички директор на Светскиот танцов центар, за АА изјави дека на натпреварот во Северна Македонија дошле со група од 40 лица.

Потсетувајќи дека двајца негови ученици минатата година го освоиле првото и второто место, Гурџан рече: „Навистина сме среќни што сме во Северна Македонија. Горди сме што учествуваме на ваков натпревар во Операта на Северна Македонија.“
Тој истакна дека е постигната многу добра синергија меѓу Туркије и Северна Македонија, нагласувајќи дека турските танчери научиле многу и од менаџментот на Операта и балетот на Северна Македонија.
„Ова ми е трет пат овде. Последен пат дојдов по повод овој натпревар. Потоа, на покана на Олга (Панго, уметничка директорка на Балетот и операта на Северна Македонија), одржав предавање во Националниот балет на Северна Македонија. И овој пат одржав исто така предавања. Освен тоа што нашите деца учат и добиваат искуство овде, постои и многу добра уметничка соработка. Многу сме среќни поради тоа. Напорно работиме класичната уметност да оди напред во нашата земја“, нагласи тој.

- „Се надевам дека соработката меѓу Северна Македонија и Туркије ќе продолжи“ -
Уметничката директорка на Националниот балет и опера на Северна Македонија, Олга Панго, рече дека со Гурџан соработуваат веќе втора година, а за соработката рече дека е прекрасна.
Ставајќи акцент на долгогодишното постоење на натпреварот на сцената во Северна Македонија, Панго рече дека на натпреварот учествувале 300-400 натпреварувачи од десетина земји.
Таа истакна дека на натпреварот се застапени сите категории од класичен балет, современ и модерен танц, хип хоп итн. Од соло па сè до големи групи.
Осврнувајќи се на соработката со Туркије, Панго рече: „Многу ми е чест што повторно соработуваме со Туркије. Јас сум голем љубител на турската култура и често одам во Истанбул. Таму работев и во националниот театар и во градскиот театар. Се надевам дека оваа соработка меѓу Северна Македонија и Туркије ќе продолжи.“

Елиф Ада Семиз, која се натпреваруваше во категоријата модерен танц за сениори, истакна дека напорно работеле за да учествуваат на овој натпревар.
„Многу сум среќна што сум овде. Се надевам дека ќе дојдеме тука и во наредните години“, рече таа.
Балерината на Државниот конзерваториум во Анкара, Берил Ада Оздемир, која освои награда на натпреварот, потсети дека минатата година го освоила второто место.
„Многу сум среќна и возбудена што сум овде. Минатата година учествував на овој натпревар и го освоив второто место“, изјави Оздемир.