Sinan Özmüş
13 Ноември 2022•Ажурирај: 14 Ноември 2022
АНТАЛИЈА (АА) – Соединетите Американски Држави ѝ вратија на Туркије шест историски артефакти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот министер за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, американскиот амбасадор во Анкара, Џефри Флејк, и американскиот помошник окружен обвинител за Менхетен, Метју Богданос, го потпишаа договорот за испорака во музејот во Анталија.
Статуа на римскиот император Луциј Верус, фигурини на Атис и Аполо, Кусура, теракотна плоча и четириделен саркофаг, кои се прошверцувани во САД, се вратени назад во Туркије по заедничките напори на турските и американските власти.
Говорејќи на настанот, турскиот министер рече дека Туркије половина век ги следи трагите на артефактите што потекнуваат од турските области Баликесир, Афионкарахисар и Бурдур.
Од своја страна, американскиот амбасадор во Анкара, Џефри Флејк, рече дека му е мило што е дел од напорите „за враќање на артефактите што се незаконски земени“.
Тој им се заблагодари на сите тимови кои работеа на процесот на враќање во соработка со колегите во Туркије.
„Овие артефакти раскажуваат приказна за тоа што се случило, за културата и наследството на луѓето... тие припаѓаат таму каде што потекнуваат“, додаде тој.
Амбасадорот Флејк потсети дека во јануари минатата година потпишан е билатерален договор меѓу Туркије и САД за сопственост од полето на културата. „Овој договор е склучен да се заштити грабежот и недозволената трговија со ретки предмети како овие“, додаде тој.