Ferdi Bayat
04 Октомври 2022•Ажурирај: 05 Октомври 2022
КАИРО (AA)
- Ферди БАЈАТ
Дрвото на Света Мерјем (Дева Марија), што се наоѓа во регионот Матарија во Каиро, главниот град на Египет, кое христијаните го сметаат за свето, продолжува да е честа дестинација на домашните и странските туристи, пишува Агенција Анадолија (АА).
Дрвото за кое се зборува дека под него, во ладовината седеле Мерјем (Марија), нејзиниот син Иса (Исус) и Јусуф (Јосиф) [светото семејство] во текот на нивното патување од Палестина во Египет, се проценува дека има историја долга 3000 години.
Поради приказната за дрвото што христијаните го сметаат за свето, овој локалитет е честа туристичка дестинација во Египет.

Министерството за туризам на Египет на своите службени страници објави дека дрвото на Света Мерјем (Марија) се смета за верски и културен центар за посетителите од различни земји од светот.
Според одделни информации, некои француски војници во 1800 година со врвовите на своите мечеви ги врежале своите имиња во гранките од дрвото. Тоа се случило во текот на битката кај Ајн ел-Шамса, што се одвивала меѓу османлиската и француската војска. Врежаните имиња и денес можат да се видат на дрвото.
Според некои преданија, француските војници имале заразна кожна болест, а се верувало дека заболените војници се чувствувале подобро откако од дрвото ја извлекле течноста и ја нанеле на своите тела.

Меѓу значајните луѓе кои во изминатиот период го посетиле дрвото на Света Мерјем (Марија) се француската царица Евгенија, историчарот Имам Сујути ел Макризи и британскиот археолог Стенли Лејн.
Царицата Евгенија го посетила регионот во 1869 година, за време на владеењето на египетскиот кедив Исмаил-паша (владетел со Египет во период кога земјата била дел од Османлиската империја).

На тоа подрачје живее Хатиџе Махмуд, која рече дека Света Мерјем (Марија) се одморала во сенката на ова дрво.
„Ова дрво е свето за сите нас“, изјави Махмуд.