Admir Fazlagikj
08 Октомври 2022•Ажурирај: 13 Октомври 2022
СКОПЈЕ (АА)
Амбасадата на Италија во Скопје и Италијанскиот институт за култура во Белград, во соработка со Музејот за современата уметност во Скопје, организираа изложба „Современи екосистеми – потрага помеѓу уметноста и екологијата во Северна Македонија“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На настанот присуствуваа претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, заменик-министерот за култура на Северна Македонија, Даим Лучи, амбасадорот на Италија во Северна Македонија, Андреа Силвестри, како и бројни други поканети гости и вљубеници во современата уметност.

Кураторката на изложбата, Бојана Јанева, за изложбата посветена на современите екосистеми истакна дека станува збор за една од најосновните карактеристики на современата уметност, а тоа е дека уметниците денес ги тангира сето она што се случува околу нас.
„Тие не се изолирани во своето ателје, туку зборуваат преку својата уметност за горливите прашања“, истакна Јанева.
Изложбата „Современи екосистеми – потрага помеѓу уметноста и екологијата во Северна Македонија“ е уметнички проект чија цел е стимулирање на јавната свест за важноста на природното наследство на Северна Македонија, како и на уметничката вредност на нејзиниот биодиверзитет, особено со основањето на новиот Национален парк „Шар Планина“.

Амбасадорот на Италија во Северна Македонија, Андреа Силвестри, говореше за деталите на проектот и за современата уметност на италијанските уметници.
„Северна Македонија покрај тоа што може да се пофали со бројни уметнички богатства, всушност е многу богата и на природен план со преубави планински и ридски и предели, широк спектар на флора и фауна, како од континентален така и од медитерански тип“, истакна амбасадорот Силвестри.
Италијанскиот уметник Антонио Масаруто работи со гранки карактеристични за флората на земјата каде што работи. Досега во Италија работел фигуративна уметност, форми на животни, но во Северна Македонија се занимава со апстрактна, односно со асоцијативна уметност.

„Во овој случај, Северна Македонија за нас беше нова земја за откривање и изненадувачки беше што најдовме прекрасни планини, паркови, но не само тоа, за нас е големо изненадување што го запознавме македонскиот народ, тие ни помогнаа да направиме нешто специјално“, истакна Масаруто.
Другиот италијански уметник, Роберто Геци, прави платна коишто ги остава во текот на неколку месеци во земја, при што не користи боја, туку природата му е соучесник во создавањето на уметничкото дело, со што добива бои и текстури од самата земја.
Неговото творештво се заснова врз неговиот интерес за природниот пејзаж.

„Во Северна Македонија креирав во соработка со природата, на Шар Планина, тоа беше како неверојатно искуство“, порача тој во говорот на отворањето на изложбата.
Проектот е поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, како и од Министерството за култура на Северна Македонија.
Изложбата ќе биде отворена од 8 до 26 октомври во Музејот на современата уметност.