култура и уметност

Во Тирана отворен Културно-информативен центар на Република Северна Македонија

„Во овој прекрасен ден во Tирана, го отвораме нашиот трет Kултурно-информативен центар на Балканот. Искуствата од центрите во Истанбул и во Софија ѝ даваат смисла на идејата за места што нè поврзуваат и нè врзуваат“, рече Стефоска

Admir Fazlagic  | 11.06.2021 - Обновена : 16.06.2021
Во Тирана отворен Културно-информативен центар на Република Северна Македонија ( Фото: Министерство за култура на Северна Македонија )

СКОПЈЕ

Во главниот град на Република Албанија, Тирана, отворен е Културно-информативниот центар (КИЦ) на Република Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Како што соопшти Министерството за култура на Република Северна Македонија, на настанот по повод отворањето на КИЦ во Тирана присуствуваше министерката за култура на РСМ, Ирена Стефоска, која во поздравното обраќање се осврна на важноста на постоењето на центрите за култура.

„Во овој прекрасен ден во Tирана, го отвораме нашиот трет Kултурно-информативен центар на Балканот. Искуствата од центрите во Истанбул и во Софија ѝ даваат смисла на идејата за места што нè поврзуваат и нè врзуваат. Впрочем, центрите за култура имаат голема и одговорна задача – да не дозволат да се отуѓиме едни од други кога имаме многубројни причини да бидеме едни со други. Зашто на културата, границите не ѝ се познати“, рече министерката Стефоска, која заедно со албанската министерка за култура Елва Маргарити, денеска и официјално го отворија Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Република Албанија.

Стефоска додаде дека водени од европската идеја, силно ги артикулираме заедничките интереси кон целта – подобар живот за сите граѓани.

„И овој Културно-информативен центар е уште едно ново, убаво поглавје во односите меѓу Северна Македонија и пријателска Албанија“, рече Стефоска, која на директорот на Центарот, Златко Ориѓански, му порача „портите на ова културно катче да бидат секогаш отворени за сите на кои македонската култура и уметност им се на срце."

Центарот се наоѓа во непосредна близина на Градскиот парк во Тирана, локација што овозможува видливост и можност за поголема посетеност на културните настани.

Отворањето на КИЦ во Тирана се реализира со поддршка на Министерството за култура во соработка со Министерството за надворешни работи, односно Амбасадата на Република Северна Македонија во Албанија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.