култура и уметност, Балкан

Во Скопје се одржа 2. Балканска ноќ на поезијата

Во рамки на програмата беа прочитани поезии на различни јазици, како турски, албански, босански и македонски јазик

Furkan Abdula  | 06.10.2023 - Обновена : 09.10.2023
Во Скопје се одржа 2. Балканска ноќ на поезијата Фото: Furkan Abdula/AA

СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје беше организирана 2. Балканска ноќ на поезијата, со учество на поети од различни места, јавува Анадолу.

Програмата беше организирана од страна на Здружението „Ќопру“ од Скопје и Здружението „Усќуп (Скопје)“ со седиште во Истанбул, со поддршка на Генералниот директорат за односи со граѓанското општество при Министерството за внатрешни работи на Република Туркије.

На овој настан, кој беше организиран во Даут-пашиниот амам во Скопје, присуствуваа претставници на турските и локалните организации и институции во земјата, претставници од граѓанскиот сектор, поети и љубители на поезијата.

Во рамки на програмата беа прочитани поезии на различни јазици, како што се турски, албански, босански и македонски јазик.

Претседателот на Здружението „Ќопру“, Хусрев Емин, во своето обраќање рече дека оваа програма за прв пат е организирана пред две години во Истанбул, нагласувајќи дека сакаат оваа програма да стане традиционална и да ја организираат во различни балкански градови.

„Всушност вечер редот за зборување е кај поетите. Тие ќе ги изразат најубавите, најдобрите и најестетските зборови. Секој на свој мајчин јазик“, рече Емин, додавајќи дека нивната единствена цел е уште повеќе да ја ревитализираат и развијат добрината, мирот, толеранцијата и убавината во овој регион.

Претседателот на Здружението „Усќуп“, Наим Арас, во изјава за медиумите рече дека: „Целта на овој собир е заедно да ги обединиме луѓето од сите култури кои живеат на Балканот и да го изразиме нашето братство. Поезијата понекогаш се прелева во ноти, и така се создава убава песна, во која сигурно има една поезија. Дојдовме да се обединиме со сите наши браќа, без разлика на нивната нација, раса и вера.“

Лејла Шериф Емин, писателка и поет, истакна: „Ваквите активности всушност имаат цел да се истакне дека заедниците кои живеат на Балканот треба уште повеќе да се обединат на вакви заеднички културолошки активности. Се надевам дека ќе ја постигнеме нашата цел, повеќе да бидеме заедно и повеќе да се сакаме. Како што вели Јунус Емре: Да сакаме, да се сакаме, овој свет на никому нема да му остане. Балканот има потреба за оваа љубов.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.