САРАЕВО
Третото издание на Интернационалниот фестивал на документарен филм на „Ал Џезира Балканс“ (Al Jazeera Balkans AJB DOC), ќе биде одржано од 11 до 15 септември во приспособен формат, а публиката сите филмови ќе може да ги погледне бесплатно и без регистрација на официјалната фестивалска веб-страница online.ajbdoc.ba, јавува Агенција Анадолија (АА).
На повикот за учество на Филмскиот фестивал AJB DOC, и оваа година одговорија голем број автори од целиот свет и од речиси 300 пријавени филмови за три селекции, избрани се 18 документарни филмови и тоа 10 за натреварување, 3 долгометражни филмови кои се во селекцијата „Last Minute Cinema“ и кои не се натпреваруваат и 5 за селекцијата „АЏБ прикажува“.
Темата на фестивалот е „Voyage“/„Патување“, која се провлекува низ сите приказни кои публиката на третиот AJB DOC има можност да ги види.
Во состав на натпреварувачката селекција ќе бидат прикажани осум регионални, една национална и една светска премиера. Сите филмови во оваа селекција се снимени според светски стандарди за телевизиско емитување, односно ограничено е времетраењето според телевизиски формат, што ја отсликува директната врска меѓу AJB DOC и програмската содржина на „Ал Џезира Балканс“. Животната приказна на бегалците и приказните кои зборуваат за поединци кои смело се спротивставија на системот се само некои од темите на филмовите на натпреварувачката селекција на AJB DOC.
Во селекцијата на филмови кои не се натпреваруваат „Last Minute Cinema“, ќе бидат прикажани три филма - „Причината поради која скокам“, „Сведоците на Путин“ и „Трета смена“. Станува збор за филмови кои премиерно се прикажани на светските фестивали и кои се наградувани во текот на минатата, но и на тековната фестивалска година, кои ќе бидат прикажани во оригинална долга форма (feature length).
Во состав на селекцијата „АЏБ прикажува“, која е своевидна платформа за развој на регионалната продукција, ќе бидат прикажани пет филма кои се направени во копродукција со „Ал Џезира Балканс“. Публиката ќе има можност да го погледне филмот „Џемо“ на младите автори Лејла Кајиќ и Даворин Секулиќ, кој носи мотивирачка приказна за силата на поединецот, филмот „Ваха“ со кој Игор Латиновиќ, босански филмски режисер со адреса во Монако, ја носи приказната за еден од најуспешните фудбалери и тренери на поранешна Југославија, филмот „Комшии“ на Нерминка Емриќ кој зборува за бегалците, „Процесот Санџак“, со кој Александар Рељиќ ја носи приказната за борбата на санџачките Бошњаци за правда и филмот „Дрим-тимот на бабите“, со кој Лејла Звиздиќ ни порачува дека годините се само број.
За на публиката дополнително да се приближат идеите и приказните на филмовите, по виртуелните проекции ќе бидат прикажани и Q&A сесии со авторите на филмовите.
На фестивалот ќе бидат доделени три награди. „Меѓународното жири кое се состои од три члена ќе го одбере најдобриот филм од натпреварувачката селекција на фестивалот и ќе додели „AJB DOC Main Award“, како и најдобриот филм во селекцијата „АЏБ прикажува“, кој ќе ја освои истоимената награда“, пишува во соопштението објавено на веб-страницата на фестивалот.
Одлуката за овие награди ќе ја донесе меѓународното жири во кое се наоѓаат Огги Томиќ, Патриција Манчини и Ирена Јелиќ.
Сите натпреварувачки филмови влегуваат и во конкуренција за награда на програмското жири на „Ал Џезира Балканс“, кое доделува награда „AJB Program Award“. Поради специфични околности на виртуелното одржување на овогодишниот фестивал, кој се одвива без присуство на гледачите, Наградата за публиката нема да биде доделена.
Освен тоа, за време на одржувањето на AJB DOC, во соработка со „Ал Џезира Медиа Институт“, ќе биде организиран и тридневен тренинг „Снимање на документарни филмови со мобилен телефон“. Тренингот е наменет за младите автори, новинари и студенти од регионот, а ќе го води тунискиот новинар и ТВ-продуцент, Аднен Чауачи.
Филмскиот фестивал AJB DOC го организира телевизиската куќа „Ал Џезира Балканс“ во соработка со „Ал Џезира Медиа Нетворк“ (Al Jazeera Media Network) и „Ал Џезира Медиа Институт“ (Al Jazeera Media Institute) од Доха. Распоредот на проекциите и сите детали можете да ги пронајдете на официјалната фестивалска страница ajbdoc.ba.
news_share_descriptionsubscription_contact
