култура и уметност

Пандемијата на Ковид-19 инспирација за фестивалот „Статуафест“

Темата на овогодинешниот фестивал е пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), конкретно „Скопје во времето на корона“

Abdula Berisha  | 04.09.2020 - Обновена : 05.09.2020
Пандемијата на Ковид-19 инспирација за фестивалот „Статуафест“ Фото: (Umeys Sulejman - Агенција Анадолија)

СКОПЈЕ (АА) - На плоштадот „Македонија“ се отвори дводневниот фестивал „Статуафест – Другото лице на улицата“ организиран од уличната театарска продукција „Театроск“, јавува Агенција Анадолија (АА).

Организаторите најавија дека темата на овогодинешниот фестивал е пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), конкретно „Скопје во времето на корона“.

Бројни минувачи застануваа да се сликаат со живите статуи, кои, како што велат организаторите, „го прераскажуваат во вкочанета слика градот и животот од месец март“.

Уметничката Елена Цветановска од „Театроск“ рече дека фестивалот се одржува четврта година по ред, додавајќи дека оваа година интеракцијата е на некој начин позабранета, бидејќи мора да се почитуваат протоколите и мерките за да се спречи ширењето на коронавирусот.

„Инспирација ни е токму тоа, пандемијата што ја предизвика овој вирус, а преку сите пораки коишто сакаме ние да ги пренесеме денес и утре, се надеваме дека ќе допрат до луѓето и дека мерките ќе се почитуваат доследно“, рече Цветановска.

Таа, исто така, објасни дека поради коронавирусот оваа година нема гости од странство, додавајќи дека се фокусирале исклучиво на македонските артисти, за кои што рече дека се прочуени низ цела Европа.

Фестивалот „Статуафест - Другото лице на улицата“ е поддржан од Град Скопје.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.