Dzihat Aliju
05 Мај 2018•Ажурирај: 06 Мај 2018
ВАЛАНДОВО (АА) - Во селото Чалакли кое се наоѓа близу Валандово, се одржа отворањето на 27. Меѓународен фестивал на пролетни веселби „Хидрелез“, јавува Anadolu Agency (AA).
На оваа церемонија беа присутни премиерот на Македонија, Зоран Заев, министерот за култура на Македонија, Роберт Алаѓозовски, градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов, пратениците од Собранието на Македонија, претставници на турските организации и здруженија во земјата и голем број други поканети гости.
Премиерот Заев во своето обраќање изрази желба овој фестивал да донесе среќа и бериќет.

„Фестивалот на пролетни веселби е една мешавина на различни традиции во Македонија“, и додаде дека Македонија е подготвена да го сподели со Европската Унија кон која се стремиме и како граѓани и како држава.
„Ќе им додадеме вредност на Европската Унија и на целиот свет“, рече Заев.
Премиерот Заев потсети дека овој фестивал минатата година влезе во Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, и дека за првпат во 2018 година пролетните веселби „Хидрелез“ во Чалакли се организираат и под покровителство на УНЕСКО, и дека затоа се многу среќни.
- Продлабочување на културната соработка помеѓу Македонија и Турција
Премиерот на Македонија нагласи дека Чалакли денеска е една од светлите точки за заедничките култури во светот.
„Ова заедничко организирање на Меѓународниот фестивал на пролетни веселби во Чалакли е порака за продлабочување на културната соработка меѓу Република Македонија и Република Турција. Исто така, потврдено на дело. Ова е доказ за нашето големо пријателство“, рече Заев.
Тој упати благодарност до сите кои придонесоа овој фестивал да влезе на листата на УНЕСКО, и на турски и на македонски јазик упати честитки по овој повод.

Министерот за култура, Алаѓозовски, истакна дека големо е задоволството да се присуствува на овој уникатен фестивал, особено откако успеале прославувањето на „Хидрелез“, да го впишат во репрезантативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.
„Оваа мултинационална апликација што ја внесовме со Република Турција“, рече Алаѓозовски, „претставува вистински патоказ за правецот кон кој треба да се развива регионалната соработка и заштитата на културното наследство. Културата на помалубројните заедници е големо богатство на Македонија, таа заслужува почит и внимание“, додаде тој.
- „Фестивалот „Хидрелез“ е дел од нашиот идентитет“
Метин Екиџи, заменик-претседателот на Турската национална комисија за УНЕСКО, рече дека како резултат на заедничните напори на Турција и Македонија, традицијата на „Хидрелез“ во ноември 2017 година е впишана во репрезантативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.
„Фестивалот „Хидрелез“ е дел од нашето културно наследство и нашиот идентитет“, истакна Екиџи, нагласувајќи дека ќе ја заштитат оваа традиција.
Во овие рамки се отвори и изложбата „Хидрелез“, потоа програмата во која настапија фолклорните групи од Турција и земјите на Балканот, и се одржа традиционалното пеливанско борење.
Фестивалот на пролетни веселби кој е поддржан од страна на министерствата за култура на Република Македонија и Република Турција, како и од страна на голем број организации и здруженија, со различни активности ќе продолжи до 7 мај.