Seda Sevencan
26 Ноември 2022•Ажурирај: 29 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Втората изложба на „Istanbul Photo Awards 2022“ во вторник ќе биде отворена во турската престолнина Анкара, на која ќе бидат претставени селекција на наградените фотографии од меѓународниот натпревар на Агенција Анадолија (АА) за новински фотографии.
На настанот што ќе трае до 19 декември, посетителите ќе можат преку фотографиите да се запознаат со човечките судбини од конфликтот во Авганистан, како и овогодинешните трки во Формула 1, митинзите во САД, угинувањето на птиците во иранските мочуришта и поглед во животот на децата на Тајланд и мајките во Дагестан.
На отворањето на изложбата во „Ада Анкара“ се очекува да присуствуваат многу познати имиња од светот на фотографијата, чиј домаќин ќе биде генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Агенција Анадолија, Сердар Караѓоз.
„Канон“, еден од поддржувачите на натпреварот, ќе има штанд во изложбениот простор.
Фотографијата на фотографот на „Блумберг“, Константинос Цакалидис, насловена „Жената од Евија“ ја освои наградата Фотографија на годината на „Istanbul Photo Awards 2022“, осмото издание на годишниот меѓународен натпревар за фотографија од големите настани низ светот во изминатата година.
Жирито на натпреварот, кое го сочинуваат познати лица од светот на фотографијата, ќе ги награди најдобрите фотографии во март, оценувајќи ги од повеќе гледни точки како што се техничката стручност, перспективата, движењето и емоциите.
Фотографијата на Цакалидис беше избрана меѓу над 16.000 пријавени фотографии од различни делови на светот.
Првата изложба на „Istanbul Photo Awards 2022“ беше отворена во турската метропола Истанбул во септември.
Натпреварот оваа година е организиран со поддршка на „Канон“ (Canon), „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines (THY)) и Турската агенција за соработка и координација (TIKA). „Ада Анкара“ помогна во организирањето на изложбата во главниот град Анкара.
Фотографите можат да ги испратат своите апликации за „Istanbul Photo Awards 2023“ до 15 јануари. Пријавувањето беше отворено претходно овој месец.
Детали за аплицирањето и победничките фотографии од минатите години може да се најдат на http://www.istanbulphotoawards.com/.