Riyaz Khaliq Khaliq
26 Ноември 2022•Ажурирај: 28 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) – Началникот на пакистанската Морнарица изјави дека вклучувањето на турските најсовремени бродови од МИЛГЕМ-класата ќе биде „огромно зајакнување за нашата одбрана“, што ќе ги држи подалеку непријателите на земјата.
„Слабоста кани агресија, а силата го држи вашиот непријател подалеку. Според тоа, вклучувањето на бродовите од класата МИЛГЕМ значително ќе ја зајакне пакистанската Морнарица“, изјави адмиралот Амџад Кан Нијази за Агенција Анадолија (АА).
Тој престојуваше во турската метропола по повод церемонијата на пуштањето на ПНС Хајбер, третиот од четирите корвети на МИЛГЕМ произведени од Туркије за пакистанската Морнарица во бродоградилиштето во Истанбул вчера.
На церемонијата присуствуваа и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и високи воени претставници на двете земји.
Нијази истакна дека бродовите МИЛГЕМ се „многу моќни платформи, опремени со вооружени системи земја-земја и земја-воздух“.
„Овие бродови се опремени со најсовремена технологија“, рече тој, додавајќи дека „вклучувањето на овие бродови ќе биде големо зајакнување на одбранбените сили на Пакистан воопшто, а особено на пакистанската Морнарица“.
Во јули 2018 година, пакистанската Морнарица потпиша договор со турската државна одбранбена компанија АСФАТ за набавка на четири бродови од класата МИЛГЕМ.
Според договорот, две корвети ќе бидат направени во Туркије, а другите две ќе бидат направени во Пакистан, што подразбира и трансфер на технологија меѓу двете земји.
Бродовите МИЛГЕМ имаат должина од 99 метри, капацитет од 2.400 тони и брзина од 29 наутички милји.
Нијази за проектот МИЛГЕМ рече дека претставува „вистинско колаборативно воено производство“, нагласувајќи: „Овие бродови ќе бидат многу добро зајакнување на нашата флота, што ќе ја осигурат безбедноста на нашите (територијални) води и со кои ќе се решат нашите одбранбени потреби.“
Пофалувајќи ги билатералните односи на двете земји, Нијази рече: „Пакистан и Туркије имаат традиционални односи засновани на заемна доверба, пријателство и принципи.“
„Во време на потреба, двете земји застануваат една до друга на сите меѓународни платформи како и за прашањата со кои се соочуваат двете земји“, додаде тој.
„Двете земји се приближија многу поблиску на полето на одбраната во блиското минато, а проектот МИЛГЕМ е доказ за овој факт“, рече адмиралот Нијази, додавајќи: „Не се сомневам дека таквите напори ќе продолжат, а Пакистан и Туркије се на добар пат да станат 'две земји, една нација'.“
Како одговор на прашањето за зголемена одбранбена соработка меѓу двете земји, Нијази истакна: „Двете војски континуирано разменуваат знаење и експертиза. Проектите за изградба и надградување како што се танкерот за флоти од 17.000 тони ПН-МИЛГЕМ и подморниците Агоста 90Б, тренажниот авион Супер Мушак, беспилотните летала и друго, се доказ за ова силно пријателство и воената соработка.“
Тој рече дека двете страни се „вклучени во широки ангажмани, од посети на високо ниво до споделување знаење на оперативно ниво и соработка за обука“.
Првиот корветен брод на пакистанската Морнарица, ПНС Бабар, беше пуштен во Истанбул во август 2021 година, а почетокот на работите на вториот брод, ПНС Бадр, започнаа во Карачи во мај оваа година.
Туркије е една од 10-те земји во светот кои можат да дизајнираат, изградат и одржуваат воени бродови со домашни ресурси.