Ekipa
14 Јули 2021•Ажурирај: 20 Јули 2021
СКОПЈЕ (АА) - Организаторите на традиционалната културна манифестација „Галичка свадба“ денеска на прес-конференција ја претставија програмата на настанот, што ќе се одржи од 16 до 18 јули, по пауза од една година поради пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Манифестацијата ќе се одржи под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и со поддршка од Министерството за култура, а во организација на месната заедница Галичник.
На манифестацијата „Галичка свадба“, по старите галички обичаи, ќе се венчаат младенците Катерина Илиевска и Филип Бундески.
Среќен и долг заеднички живот на годинашните младенци и успешно издание на манифестацијата им посака министерката за култура Ирена Стефоска, која се осврна на традицијата на најпознатата македонска свадба.
„Јули, најубавиот месец, особено во единствениот Галичник, затоа што печалбарите си доаѓале дома. Има ли поубав ден од тој кога стопанот или синот ќе стапнеле на прагот?! Јули бил месец на солзи радосници во Галичник. Зурлите и тапаните ги чекале свадбите и свадбарите. И така со векови. Традицијата е зачувана и стана наше драгоцено нематеријално културно наследство. Министерството за култура останува силен поддржувач и промотор и на оваа манифестација која го збогатува и го чува надалеку препознатливиот македонски фолклор“, рече министерката Стефоска.
Претседателот на месната заедница Галичник, Александар Костиќ, информираше дека официјалниот дел од програмата започнува на 16 јули со неколку музички настапи, меѓу кои и концерт на составот „Љубојна“, кој годинава прославува 20-годишнина од своето постоење и творење.
Програмата продолжува на 17 јули и на 18 јули со изведба на старите галички обичаи, со традиционалното китење, редење на бајракот и „фрлање пушки“, „пречек на топаните“, изведба на ората „Свекрвино“, „Тешкото“ и „Невестинско“. Обичаите продожуваат в недела кога е и венчавката на младенците во црквата „Св. Петар и Павле“.
Со „Галичката свадба“ ќе биде отворено и годинешното „Галичко културно лето“, а потоа ќе се одржат традиционалните: Галичка ликовна колонија, Галичка книжевна колонија, прослава на црковните празници „Света Петка“ и „Преображение“, како и „Галичник филм фестивал“, во периодот од 5 до 8 август, кој ќе се одржи првпат.