Aişe Hümeyra Bulovalı
13 Јули 2021•Ажурирај: 14 Јули 2021
ИСТАНБУЛ (АА) – Изложбата со наслов „Тишина“ на уметничката Марија Павловска продолжува да биде отворена во Културниот центар на Северна Македонија во Истанбул, јавува Агенција Анадолија (АА).
Марија Павловска, родена во Скопје, своето уметничко патување го започна на мала возраст.
Во изјавата за Агенција Анадолија (АА) Павловска истакна дека зборот „Тишина“, што е називот на изложбата, го користи како метафора, а во нејзините дела ги опишува денешните искуства.
Павловска, истакнувајќи дека за време на епидемијата на Ковид-19, која го зафати целиот свет, сите беа затворени во своите домови, во тишина, рече дека овој процес ѝ дал моќ да ги создаде овие дела.
Наведувајќи дека во нејзините дела има груби и бунтовнички линии, уметничката Павловска рече: „Овие линии се всушност одраз на расположението во сите нас. Тоа е исто како тишината кога сме загрижени и нервозни. Тоа е исто така еден вид крик.“
Истакнувајќи дека користела само црно-бели бои за да бидат едноставни нејзините дела, Павловска додаде:
„Овој стил е стил што одговара на мојот уметнички став. Затоа секогаш користам црно-бели бои. На меѓународно ниво позната сум по оваа техника. Има и такви кои мојата работа ја споредуваат и со графички дизајн. Сепак, моите дела се само слика. Линиите се тие што го даваат оригиналниот израз на уметникот.“
Павловска истакна дека изложбата „Тишина“ освен во Турција е поставена пред љубителите на уметноста во многу земји.
„Исто така и од Истанбул бев многу импресионирана. Јас всушност имам силни впечатоци во овој град. Импресионирана сум и од современите уметнички дела што ги видов во Истанбул. Го прошетав Музејот 'Пера' и културната институција ‘Салт‘. Ги посетив изложбите. Им честитам на кураторите и уметниците. Навистина тука уметноста се создава и се одржува во живот на високо ниво.“
Павловска, која за првпат отвори своја изложба во Турција, порача дека нема да биде последна.
„Мислам дека ова нема да биде моја прва и последна изложба. Би сакала повторно да отворам изложба во Турција. Мојата изложба ја посетија голем број турски колекционери и сопственици на уметнички галерии. Исто така, на изложбата дојдоа и моите колеги. Повратните информации беа многу убави. И од Конзулатот на Северна Македонија дојдоа на отворањето на изложбата. Би сакала да му се заблагодарам на Културниот центар на Северна Македонија во Истанбул за сè. По оваа изложба, мислам дека културните односи меѓу Турција и Северна Македонија, кои се добри, ќе продолжат и во иднина.“
Марија Павловска отвори самостојни изложби во Париз, Берлин, Словенија, Виена, Нирнберг и Њујорк. Изложбата „Тишина“ во Културниот центар на Северна Македонија во Истанбул ќе може да се види до 6 август.