САРАЕВО (АА) - Кемал Зорлак
Алија Изетбеговиќ беше интелектуалец, мислител и лидер чија идеја и мисла беа подеднакво признати и на Истокот и на Западот, истакнува во разговор за Агенција Анадолија (АА) Адмир Лисица, магистар по историја и научник соработник во Музејот „Алија Изетбеговиќ", а по повод 95 години од раѓањето на првиот претседател на незавизна Босна и Херцеговина.
Алија Изетбеговиќ е роден на денешен ден во 1925 година, аво Музејот во Сараево, кој го носи неговото име, овие денови со низа активности се одбележуваат 95 години од неговото раѓање. Во Музејот се во тек и „Денови на отворени врати", а вчера во Сараево е организирана и изложбата под називот „Алија Изетбеговиќ - Помеѓу Истокот и Западот".
Лисица, кој е автор на повеќе трудови и тектови за ликот и делото на Алија Изетбеговиќ, во разговор за АА по повод овој значаен датум истакна дека Јавната Установа Музеј „Алија Изетбеговик" традиционално организира активности со цел на пошироката јавност да и ја претстави идејата која ја живеел Алија Изетбеговиќ, но и генерално, неговиот и лик и неговото дело.
Потсетува дека Музејот егзистира од 2007 година, а основан е на 19 октомври, симболично, на годишнината од смртта на Алија Изетбеговиќ.
- Музејот со симболика на животниот пат на Алија Изетбеговиќ
Постојаната музејска поставка е сместена во кулите Плоча и Широкац, на Вратник. Во кулата Плоча, прикажан е хронолошки преглед преку текст и фотографии,животот на Алија Изетбеговиќ како политичар и државник. Во кулата Широкац, музејската постава посветена му е на Алија Изетбеговиќ како на Врховен командант, а и како на личност која ја организираше одбраната од агресијата врз Босна и Херцеговина.
„Во првата кула можеме да го видиме тој почеток на Алија Изетбеговиќ, неговата младост, потоа фотографиите и описот на неговото прво судење и времето поминато во затвор од 1946 до 1949 година, кога е обвинет и осуден поради припадноста на организацијата Млади Муслимани. Имаме приказ на Сараевскиот процес од 1983 година, исто така и вредни документи, негови лични работи, препознатливата актовка, беретката која ја носеше, и тоа се работи кои се најинтересни за посетителите", појаснува Лисица.
Она што исто така е значајно, а се наоѓа во овој Музеј се и наградите кои ги доби Алија Изетбеговиќ, меѓу кои се издвојуваат Орден за независноста од државата Катар, наградата на папата Иван Павле II, признанија од Република Турција.
Втората кула на Музејот посветена му е на Алија Изетбеговиќ како на врховен командант на одбраната на Босна и Херцеговина. Таму се исто така бројни признанија од соборци и од корпусите од сите подрачја на БиХ, што според Лисица, говори и за општата прфатеност на Алија Изетбеговиќ.
„Тука е секако многу интересен експонат и неговата воена книшка во која пишува „Татко на Патриотската лига", тоа го доби за својот ангажман и организација на Патриотската лига непосредно пред агресијата на БиХ", рече Лисица.
- Младите се интересираат за ликот и делото на Алија Изетбеговиќ
Лисица додава дека генерално, посетителите на Музејот, без оглед дали се домашни или странски, највеќе ги интересира периодот на агресијата врз БиХ. Музејот на годишно ниво го посетуваат околу 10.000 луѓе, интересот за Музејот е голем, а колку е атрактивен за туристите потврдуваат и посетите во актуелното време на пандемијата.
На прашањето како го оценува интересот на младите генерации за ликот и делото на Алија Изетбеговиќ, Лисица вели дека Музејот има континуирана соработка со различни институции, особено со основните и средните училишта.
- Приближувањето на ликот и делото на Алија Изетбеговиќ на пошироката јавност
Лисица, исто така подвлекува дека Музејот во значителна мерка е посветен и на развивањето на своето научно-истражувачко и публицистичко делување, за да на тој начин ликот и делото на Алија Изетбеговиќ што подобро ѝ се приближи на јавноста и да се пренесат фактите за неговиот политички и општествен активизам, за него како интелектуалец, борец за правда и за сето она што Алија Изетбеговиќ беше.
Алија Изетбеговиќ беше врховен командант на Армијата на Босна и Херцеговина, претседател, мислител, државник и лидер, истакнува Лисица и додава:
„Тој имаше повеќе улоги и повеќе идентитети. Секогаш истакнуваше дека е Бошњак, муслиман, географски Босанец, беше муслимански европски интелектуалец. Алија Изетбеговиќ беше интелектуалец и мислител подеднакво прифатен и на Истокот и на Западот, за што сведочат голем број награди кои ги доби на сите страни од светот. Беше еднакво прифатен и кај американскиот Сенат и кај иранските власти. Доби награди и од Малезија, Катар, Франција, од папата Иван Павле II, од бројни демократски форуми кои промовираат мир и демократија. Алија Изеѕбеговиќ беше познат како лидер, миротворец, борец за вистина, кој еднакво беше прифатен и во исламскиот свет и на Запад, а тоа го потврдува фактот дека неговите дела се преведени на бројни јазици во светот, германски, англиски, арапски и турски јазик", рече Лисица.
Алија Изетбеговиќ беше првиот претседател на меѓународно признаена држава Босна и Херцеговина и врховен командат на Армијата на Република Босна и Херцеговина. Роден на 8 август 1925 година, во Босански Шамац, а почина на 19 октомври 2003 година во Сараево. Погребан е во шехидските гробишта „Ковачи" во Сараево.
Растеше и се школуваше во Сараево каде и дипломираше на Правниот факултет. Како правен советник, работеше и во повеќе сараевски претпријатија. Поради своите политички определби и делувања, два пати е затворан и осудуван. Во познатиот, политички монтиран, „Сараевски процес", како првообвинет во групата од 13 муслимански интелектуалци, осуден е на 14 години затвор.
Изетбеговиќ покрена формирање на политичката партија Странката на демократска акција (СДА) и на првото основачко собрание на СДА,на 25 мај 1990 година, стана нејзин прв претседател.
По победата на СДА на првите повеќепартиски парламентарни избори во 1990 година, Изетбеговиќ е признат за прв претседател на Претседателството на Република БиХ. Тој е избран за член, а потоа и за претседавач на Претседателството на БиХ.
По 10 години вршење на функцијата член на Претседателството на БиХ, од здравствени причини, во 2000 година поднесе оставка на местото член на Претседателството на БиХ.
Автор е на поголем број публицистички трудови, студии и книги коишто се преведени на повеќе светски јазици.