Islam Uddin
11 Август 2021•Ажурирај: 12 Август 2021
АНКАРА
Јужна Кореја денеска забележа 2.200 случаи на заразување со коронавирусот, највисоката бројка од почетокот на пандемијата, известува Агенција Анадолија (АА).
„Со 2.223 нови случаи, вкупниот број случаи на заразување се искачи на 216.206“, соопшти корејската Агенција за контрола и спречување на болести.
Еден смртен случај е регистриран во изминатите 24 часа, со што вкупниот број на починати изнесува 2.135, додека 189.506 лица се излекувале.
Јужна Кореја бележи пораст на случаите на заразување кога на 7 јули во земјата беше пријавена варијантата Делта.
Владата веќе воведе строги ограничувања за Ковид-19 во главниот град Сеул, епицентарот на најновата појава, забрани собири на повеќе од две лица по 18 часот и постави полициски час на ресторани и кафулиња по 22 часот, според новинската агенција „Јонхап“.
Претседателот Мун Џае-Ин изрази загриженост за зголемените случаи и рече дека неговата земја поминува низ критичен период.
„Од голема загриженост е што бројката надмина 2.000, и покрај напорите на здравствените власти и соработката на јавноста во социјалното дистанцирање. Ние сме во критичен период кој би можел да биде пресвртна точка во понатамошно зголемување на бројот на случаи доколку не успееме да го спречиме моменталното ширење“, изјави Мун.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи да прави напори за да ја стабилизира ситуацијата.
Според официјалните податоци, од февруари, кога започната програмата за вакцинирање, 21,63 милиони ја примија првата доза на вакцина против Ковид-19, додека 8,06 милиони се целосно вакцинирани.