Şenhan Bolelli
26 Ноември 2021•Ажурирај: 26 Ноември 2021
МАДРИД
Зголемената бројка на новозаразени со новиот тип на случаи на коронавирус (Ковид-19) во последните две недели во Шпанија, доведе до забрзување во вакцинацијата и дополнителни мерки на заштита, известува Агенција Анадолија (АА).
Иако бројката на новозаразени во Шпанија не е толку висока како што тоа е случај во европските земји Австрија, Германија и Белгија, забележано е дека во оваа земја во раст е бројот на новозаразени и смртни случаи предизвикани од Ковид-19.
Во Шпанија, каде што во последните 14 дена просечниот број на новозаразени на секои 100.000 луѓе се зголеми на 149, на дневна основа се регистрираат над 9.000 лица позитивни на коронавирусот, додека бројот на смртни случаи предизвикани од Ковид-19 се движи во опсег 30 - 50 починати.
Во автономните заедници во северот и источниот дел на земјата, каде што се регистрирани најголем број на новозаразени, покрај ограничувањето на стапката на пополнетост од 75 проценти во затворените простории за забава, воведени се и дополнителни мерки.
Во регионите Каталонија, Арагон, Галиција, Балеарските Острови и подрачјето Навара, воведено е приложување на сертификат за вакцинација при влез во ресторани, дискотеки, концертни сали, музеи или културни центри во периодот од 25 ноември до 7 јануари, имајќи го предвид интензитетот на божиќните и новогодишните празници.
За воведување слични мерки започнати се активности во Баскија и во Валенсија.
Покрај тоа, објавено е дека во Шпанија, која го започна вакцинирањето со трета доза на лицата на возраст над 60 години, третата доза од вакцината ја примиле 9 % од населението, додека стапката на лицата што ја примиле втората доза изнесува 89,2 % (90 % лица на возраст над 12 години).
Се покажа дека Шпанците кои покажаа интерес за вакцинација против Ковид-19, повторно формираа редици пред болниците со почетокот на аплицирањето на третата доза вакцини.
- Екипата на АА направи снимки од хоспитализираните пациенти со Ковид-19 во Мадрид
Екипата на АА, која влезе во болницата „Изабел Зендал“ во Мадрид што е формирана за потребите во борбата против епидемијата, снимајќи ги пациентите со Ковид-19 на Одделението за интензивна нега, го следеше и процесот на вакцинација во болницата.
Надлежните информираа дека зафатеноста на капацитетите на болниците со пациенти позитивни на Ковид-19 на Одделението за интензивна нега и болничките легла е прилично ниска во споредба со минатата година, но додадоа дека во последно време, сепак се забележува благ раст.
Во моментов, исполнетоста на капацитетите на одделенијата за интензивна нега во болниците во земјава со пациенти позитивни на Ковид-19 е на ниво од 9 %.
Пилар Мартинез, шпанска државјанка која ја прими третата доза од вакцината, за АА изјави: „Вакцинацијата помина многу добро. Не сум многу загрижена. Мислам дека епидемијата ќе се држи под контрола. Верувам дека многу повеќе луѓе ќе бидат вакцинирани и вакцината ќе нѐ заштити. Изгледа дека нема зголемување на случаи на заразување кај вакцинираните. Колку повеќе луѓе се вакцинираат, толку повеќе ќе бидеме во подобра здравствена состојба.“
Од почетокот на епидемијата на Ковид-19 во Шпанија, коронавирусот е детектиран кај 5.121.100 лица, од кои животот го загубија 87.931 лице.